Првата забележана поплака од муштерија ни доаѓа од Месопотамија и е стара 3800 години.
Човекот што се жалел се викал Нани, а трговецот кому му е упатена жалбата Еа-Насир. Првиов се помачил да ја запише својата страна од приказната на глинена плочка, која денес се чува во Британскиот музеј, некаде во 1750-тата п.н.е. Опишаниот проблем е следен: купувачот добил бакарна руда со инфериорен квалитет, и тоа со доцнење и во оштетена состојба.
„Не го исполни ветувањето дека ќе ми донесеш бакар со висок квалитет. Мојот курир вели дека си ставил лоши парчиња пред него и си му рекол - ’Ако сакаш земи ги, ако не оди си!’
За што ме замислуваш, зошто ме третираш со таков презир? Испратив господа како нас да ја земат торбата со моите пари (кои ти ги дадов однапред) но ти си ги вратил“ - се вели во дел од преводот на асирологот А. Лео Опенхајм.
Плочката со поплаката била пронајдена во урнатините на Ур, во стара вавилонска куќа, која можеби била дом на Еа-Насир. Откритието било направено од страна на сер Леонард Вули, кој водел заедничка експедиција во која учествувале Универзитетот од Пенсилванија и Британскиот музеј, од 1922-1934 во спомнатиот сумерски град.
Со оглед на тонот на текстот, ништо не се променило во сите овие милениуми - освен ако приказната завршила со покајание на трговецот и враќање на парите. Шансите за тоа, ќе се согласиме, се прилично мали.