Со подемот на веганството се поставуваат прашања за етичката употреба на волната во изработката на ткаенини и облека. Веганите не носат волна бидејќи таа е често спореден производ на месната индустрија. Токму затоа организацијата ПЕТА има покренато предизвик за веганска волна од 1 милион долари (трае до 28 јули 2023) за поединци или групи кои би создале вегански волнен материјал кјо „визуелно, текстилно и функционално е сличен или подобар од оној од овци“.
Но во 1940-тите текстилниот физичар Вилијам Астбери имал такво решение кое го донело на насловните на тогашните весници, поради палто направено по негови инструкции од протеини на кикирики. Тоа е истиот Астбери кој со својата колешка Флоренс Бел ќе ги постави основите за откривањето на структурата на ДНК.
Научниците Џејмс Вотсон и Френсис Крик се познати по тоа дека први работеле на структурата на ДНК. Но нивниот успех дошол 15 години откако Астбери и Бел прв пат покажале дека рентгенските зради можат да ја откријат структурата на ДНК. Ова откритие било всушност случајно, бидејќи целта на Астбери не била да одговори на големите прашања за потеклото на животот, туку да проучи едно обично волнено влакно додека работел како професор по текстилна физика на Универзитетот во Лидс.
Уште од средниот век волната и текстилот биле главниот производ на овој град во Јоркшир. Во 1928 Астбери дошол тука и употребил рентгенски зраци за да ја открие молекуларната структура на протеините во волната. Сфатил дека тие можат да се згуснуваат или да се продолжуваат по потреба, а токму оваа промена во нивната архитектура ја правело волната атрактивна за текстилната индустрија.
Компанија наречена Imperial Chemical Industries го откупила патентот за процес кој користел разредувачи како уреа за откривање на прецизниот 3Д облик на протеините пронајдени во семиња (како кикириките). Потоа изградиле голема фабрика во Шкотска за да произведуваат ново текстилно влакно од кикирики, кое го нарекле Ардил и му подариле на Астбери палто направено од него. Во текот на Втората светска војна, недостатокот на волна поттикнал инвестирање во Ардил а биле спонзорирани кампањи за Британците да се информираат за добрите страни на оваа „веганска“ волна (која додуша не била нарекувана така тогаш).
Ова поставило основа за идни иновации во молекуларната биологија и науката за материјали, а пристапот познат како структурна биологија оттогаш ни има овозможено да сфатиме како крвниот протеин хемоглобин пренесува кислород низ телото, како се грчат мускулите и како „спајк“ протеинот на површината на САРС-КоВ2 му овозможува на вирусот да се поврзува и да влегува во човечките клетки.
Кога Астбери умрел во 1961, неговиот пријател и колега, ботаничарот Р. Д. Престој, се сеќавал на него како „човек со многу лица - научник, музичар, боем, хуморист, за кого секое утро било како Божикно“. Можеби токму тој, постхумно, ја заслужува и наградата од 1 милион долари.