Teоријата на „црниот лебед“ е метафора која опишува настан кој се случува тотално неочекувано, има огромно влијание, и често, откако ќе помине главниот удар, е несоодветно рационализиран. Терминот произлегува од израз за нешто необично и ретко, кој се среќава кај римскиот поет Јувенал, и гласи „ретка птица, многу слична на црн лебед“. Истиот е развиен од Насим Николас Талеб во неговиот бестселер „Црниот лебед: влијанието на малку веројатното“ (The Black Swan: The Impact of the Highly Improbable) од 2007. Во него тој се обидува да ја објасни, меѓу другото, неможноста за пресметување на веројатноста на ретки настани со користење научни методи, како и психолошките предрасуди кои ги заслепуваат луѓето, и индивидуално и колективно, во однос на непредвидливоста на историските настани.
Oваа негова теорија стана актуелна во контекст на пандемијата, која многумина ја толкуваат токму така - како тотално неочекувана појава која нè фати неспремни. Но самиот Талеб, во интервју за Блумберг ТВ од 31 март, изјави дека е „иритиран“ од ваквите инсинуации, бидејќи „црн лебед“ не може да биде клише за сите негативни нешта кои нè изненадуваат. Освен тоа, пандемијата според него била целосно предвидлива, ако ништо друго тогаш барем во јануари.
Имено, тој со уште двајца автори на 26 јануари оваа година објави статија под наслов „Системски ризик од пандемија на нови патогени - коронавирус“, во кој предупреди дека заради „зголемен обем на конекции“ ширењето ќе биде „нелинеарно“, и повика на „драстично кратење на мрежите на контакти“, со други зборови на социјално дистанцирање. Авторите тогаш заклучија дека „оние кои носат одлуки треба да реагираат веднаш, и да го одбегнат ставот дека соодветното почитување на неопределноста воочи можна катастрофа е рамно на параноја“.
Неговата нервоза сега привлече внимание, иако предоцна и на сосема погрешен начин. Медиумите одеднаш од Талеб бараат „список на следните црни лебеди“, како тој да е некаков Нострадамус. Неговата главна цел всушност е градење на такви политички структури кои ќе овозможат подобро излегување на крај со случајни настани, а не нивно предвидување, во смисла кога точно би се случиле и дали би биле пандемии или нешто друго. Тој не им остана должен ни на економистите, новинарите и извршните директори, кои во интервју за Њујоркер од 21.4 ги нарече „наивни емпирицисти кои ја третираат утрешнината како да е вчера“.
Талеб, кој сега има 61 година, како млад ја проживеал либанската граѓанска војна, која траеше петнаесет години и резултираше со 90.000 мртви. По нејзиното завршување, значи по фактот, биле развивани теории и објаснувања кои требало да ги рационализираат причините за истата, „а поинтелигентните имаа објаснувања кои само звучеа подобро“. Исто како што ќе биде и кога ќе помине пандемијата. До следниот, наводен, „црн лебед“.
Претходно за Талеб тука