Нашите текстови можеби содржат сигнали за идното здравје

Секојдневните траги кои ги оставаме во нашите текстови - мејлови, блогови, фејсбук постови - можат да откријат многу повеќе од приватни детали. Изгледа дека она што го пишуваме, и како го пишуваме, може да содржи информации за нашето идно „јас“. Тоа го покажува истражување на делата на Агата Кристи и тн. „Студија на калуѓерките“.

Јан Ленкешир, професор по англиски на Универзитетот во Торонто, има интересна тема на истражување - не зборовите, туку „душата“ на авторите. Тој со помош на дигитални алатки прави индекс на сите термини и сите контексти во кои тие се појавуваат во одредено дело. Ова е традиција која води потекло од средовековните монаси, кои правеле вакви списоци на термини од Светото писмо, надевајќи се дека ќе пронајдат некоја дополнителна Божја порака.

Ленкешир сепак има поскромни цели. Тој ги проучува делата на Чосер, Шекспир, Милтон, и до сега, преку спомнатата анализа има направено интересни иако и не баш „револуционерни“ откритија. На пример дека Милтон во своите дела никогаш не користел „затоа што“ (because), од само нему познати причини.

Но во средината на 1990-тите професорот одлучил дека сака да се фокусира на помодерен автор, па се одлучил за една од најобјавуваните писателки во светот - Агата Кристи. Зел 16 нејзини романи, пишувани во период од 50 години, и ги внел во компјутерска програма. Така добил речник на зборови во делата, заедно со нивната фрекфенција и бројот на различни зборови употребени во секој текст.

Кога стигнал до резултатите за 73-тата книга на Кристи, напишана кога таа веќе имала 81 година, забележал нешто необично. Нејзината употреба на „нешто“, „сенешто“, „по нешто“, „ништо“ - термини кои Ленкешир ги нарекува „неодредени зборови“ нагло се зголемил. Истовремено, бројот на различни зборови кои таа ги употребила се намалил за 20 отсто. Тоа е практично една петина од нејзиниот речник, кој веќе не постоел.

Ленкешир почекал две години пред да ги објави резултатите од својата студија, а за тоа време ги проверувал со статистичари и лингвисти, но и со патолози. Податоците биле во полза на став дека текстот сигнализирал почеток на Алцхајмер, болест за која Кристи никогаш не била формално дијагностицирана. Но таа често се жалела дека не може да се концентрира, а пријателите известувале дека знаела да има напади на лутина и да зборува неповрзани работи.

И не само тоа. Во спомнатото 73-то дело на Кристи под наслов „Слоновите можат да се сеќаваат“ централниот лик е писателка која се бори со загуба на меморијата, додека се обидува да му помогне на Еркул Поаро да реши злосторство коешто се случило во минатото. Ова изгледа како уште поексплицитен знак дека теоријата може да држи вода. 

„Сфатив“, вели Ленкешир, „дека ја гледам авторката во текстот на начин на којшто не била никогаш видена претходно. Идејата дека таа продолжила да пишува и покрај својата мака ми се виде херојска“.

Не можеме со сигурност да знаеме дали Кристи навистина имала Алцхајмер. Но одделна студија на Универзитетот Минесота сепак укажува на можноста нашите текстови да содржат знаци дека се случува некаков процес на деградација. Таканаречената „Студија на калуѓерките“ била започната во 1990-та. Раководителот, Дејвид Сноудон, сакал да го анализира стареењето во тек на долг период, и се фокусирал на овие жени бидејќи тие имале слични биографии и потекло. Повеќето од нив се придружиле на Училиштето за чесни сестри Нотр Дам кога имале 18 години, не пушеле и не пиеле. Дури 678 од нив се согласиле да учествуваат во студијата, од таа 1990-та до крајот на нивните животи. Истовремено се согласиле да донираат мал дел од своите мозоци по смртта. 

Истражувачите ги посетувале еднаш годишно и им правеле тестови на меморија, и токму при една таква посета Сноудон добил информација дека постои збирка биографии кои сестрите требало да ги напишат кога влегувале во редот. Сега тој можел да ги анализира есеите стари педесетина години врз основа на нивната граматичка комплексност и „густина“ на идеите - просечен број на поединечни идеи содржани на секои 10 напишани зборови. 

Открил дека сестрите кои покажале ниски резултати согласно овие две мерки имале поголема веројатност да развијат деменција. Оние во долната третина на примерокот поврзан со густина на идеи имале 60 пати поголема веројатност да развијат Алцхајмер во споредба со сестра во првата третина. Врз основа на есеите истражувачите можеле да предвидат со 92% прецизност дали мозокот на одредена сестра, кој бил сециран по нејзината смрт ќе содржи „плак“ и оштетувања кои се поврзани со Алцхајмер. Секако, колку и да звучи убедливо, ова е само корелација, но не укажува на каузалност - дека во сите случаи токму стареењето на мозокот предизвикува промени во начинот на пишување. 

Eпизода на подкастот Радиолаб посветен на темата тука

22 декември 2021 - 08:42