Најновата книга на Ник Хорнби ги поврзува Дикенс и - Принс

Двајца уметници од различни векови чие спомнување во иста реченица (во случајов во наслов на книга) предизвикува чудење. Но освен што Хорнби ги спојува поради тоа што обајцата го инспирирале, тие можеби имаат повеќе заеднички нешта отколку што тоа изгледа на прв поглед.

„Дикенс и Принс“ е нова книга на 90-тина страници на Ник Хорнби (High Fidelity, About a Boy), инспирирана од комеморативното реиздание на албумот на Принс од 1987, Sign o'the Times. Иако дискографските куќи знаат постхумно да ги „молзат“ своите ѕвезди издавајќи до тогаш непозната музика, тоа се вообичаено пар песни. Во пакетот за овој албум имало неверојатни 63 необјавени траки - четири пати повеќе отколку што се појавиле на оригиналниот албум. Ова го поттикнало Хорнби да се запраша кои други уметници биле толку плодни како Принс. И се сетил на Дикенс.

Славниот автор до средината на своите 20-ти години главно објавувал во месечни списанија, пишувал брзо, ги издал првите поглавја на „Оливер Твист“ пред да го заврши серијалот „Пиквик пејперс“ и го објавил „Николас Никлби“ многу пред да го заврши „Оливер Твист“. Ова значи дека Дикенс бил во состојба да пишува две книги, и да држи две групи ликови во својот ум истовремено.

Но високата продуктивност не е единственото нешто што го споделуваат. Обајцата живееле во сиромаштија и биле напуштени од своите родители: Дикенс бил ставен во интернат кога имал 12 години, додека останатите од семејството завршиле во затвор поради долгови; на истата возраст, Принс бил исфрлен од татка си и присилен да живее во подрум на пријател. Обајцата биле гневни во однос на третманот што го добивале од индустриите во коишто работеле, за кои сметале дека го ценат профитот над креативноста. Битките на Принс со неговата издавачка куќа кулминираа со тоа што тој мораше да го замени своето име со симбол, додека Дикенс остро им се спротивставувал на имитаторите и пиратите кои ги издавале неговите дела без надомест или наведување на неговото име. Со оглед на тоа што не заработувале многу од продажба, и двајцата наоѓале поинакви начини да дојдат до пари - Принс заработи многу со тоа што 21 ден свиреше во Лондонската арена О2, со капацитет од 20.000 седишта, додека Дикенс се впуштил во две добро платени читачки тури во Америка.

Сепак, според Хорнби не станува збор само за вакви споредби, туку и за она што овие уметници можат да нè научат во врска со креативноста. Двајцата ја подриваат теоријата популаризирана од Малком Гладвел според која се потребни 10.000 часа за усовршување на некоја вештина - Дикенс во ваквата шема не пишувал ни пет минути пред да стане и вешт, и славен. 

Фановите на Принс можеби по дефиниција ќе ја отфрлат споредбата на својот миленик со некаков викторијански писател. Но Хорнби нема време за земање предвид на културолошките хиерархии, и ги третира своите субјекти како рамноправни. Неговата книга е љубовно писмо до двајца уметници „кои со својот оган го запалиле светот“.

извор

12 ноември 2022 - 10:31