51 година по затворањето на меѓународната линија преку Пиринеите, железничката станица Канфрак ќе добие нов живот како хотел со пет ѕвездички.
Приказната за ова село на нешто повеќе од 1000 метри надморска висина на француско-шпанската граница и неговата станица е мешавина на мегаломанство, амбиција, некомпетенција и корупција, интриги и малер кој трае цел век.
Шпанија сакала да покаже дека е способна да изгради нешто што ќе биде европска „катедрала“ на железницата. Но станицата која била започната во 1853 и едвај била комплетирана во 1928, концепциски и технички уште на отворањето била застарена и му припаѓала на 19 век. На нејзиното отварање шпанскиот крал Алфонсо XIII претенциозно изјавил дека „Пиринеите веќе не постојат“ во смисла на тоа дека тие веќе не се пречка за комуникација од двете страни на границата. Но вистината била обратна - тие биле една од многуте пречки на големиот проект.
Во 1929, непосредно по отварањето на линијата, се случила голема финансиска криза. Две години подоцна таа настрадала во голем пожар. Потоа во 1936 почнала шпанската граѓанска војна, а во моментот кога таа завршила почнала Втората светска војна. Во текот на режимот на Франко земјата била изолирана и немало меѓународен транспорт сè до 1950-тите.
На француска страна патниците и багажот морале да бидат пренесувани од еден воз на друг поради различните шини, што дополнително го продолжувало времето на патување. Линијата никогаш не станала комерцијално успешна. Во 1970 откако бил оштетен некаков мост, тоа обезбедило оправдување да се напушти станицата која со своите 365 прозорци и 200 метри долгата платформа била оставена на милост на времето и несакајќи станала железнички мавзолеј со голема емоционална вредност за една историја, која сепак заслужува да биде промовирана. Имено, како меѓународен премин, Канфрак бил подискретен и многу помалку видлив во споредба со други. Станицата била користена од агенти на сите страни, а легендите велат дека бројни Евреи избегале преку Канфрак од нацистичките чистки во Франција.
Сега железничката станица ќе стане хотел со 104 соби дизајниран од архитектите Жоакин Магразо и Фернандо Усед во соработка со регионалната влада на Арагон и хотелскиот синџир Барсело. Комплексот ќе вклучува конференциски центар, железнички музеј, продавници и сместувања за аџии, бидејќи Канфрак е едно од местата на патот за Сантијаго де Компостела.