За неа Албер Ками рекол дека е „единствениот голем дух на нашето време“. Симон Адолфин Вејл (1909-1943) била филозоф, мистик и политички активист, заземајќи ја страната на анархистите во текот на Шпанската граѓанска војна и работејќи во фабрики за автомобили за подобро да ја разбере маката на работничката класа.
Иако била воспитувана во духот на агностицизмот, во една прилика, кога присуствувала на празнична процесија во Португалија на која се пееле верски химни, а потоа ја посетила и базиликата на св. Фрањо Асишки во Италија, таа доживеала религиозно просветлување, и од тогаш Бог е постојано присутен во нејзините тези.
Една од нив е поврзана со концептот на внимание, она кое им го посветуваме на големите и малите нешта, и на луѓето околу нас. Според Вејл, вниманието во својата највисока форма е облик на молитва чија содржина се самоостварува, со тоа што свесно се насочуваме кон едно конкретно нешто, а не го трошиме вниманието на милион небитни работи. Нејзините ставови денес делуваат визионерски, со оглед на целосната распродажба на нашето внимание поттикнато од современата технологија.
Објектот на внимание може да биде математичка задача, сонет, но никако не и просто, механичко помнење факти, какви што и во нејзино време, и денес, наметнува образованието. Станува збор повеќе за „негативен напор“, еден вид медитација врз објектот на вниманието, впивајќи ги неговите квалитети и генерално вежбајќи го трпението и концентрацијата. И исто како и при медитацијата, мускулите (умот) треба да бидат релаксирани, а ние ослободени од желби.
На пример, слушајќи го пријателот како раскажува нешто на долго и на широко, ние бираме да се откажеме од правење нешто друго за да бидеме тивок партнер во таа размена, истовремено откажувајќи се и од тоа да мислиме и зборуваме за себеси. Посветувањето внимание на другите значи почитување на нивната реалност, давање предност на туѓата приказна, во ситуација во која сите припаѓаме на ист свет и сме подеднакво ранливи во него.