И Фејсбук за нешто го бива

Најголемата психо-лингвистичка студија на сите времиња

Истражувачи од Универзитетот на Пенсилванија анализирале статуси на 75,000 волонтери (!) и притоа се обиделе да пронајдат сосема различен начин за толкување на човечката личност, подвид: Фејсбук корисник.

Во статија објавена во PLOS One (Public Library of Science) истражувачи од Центарот за позитивна психологија, во соработка со нивни колеги од Одделот за компјутерски науки и информатика, изработиле компјутерски модели кои врз основа на употребените зборови, изрази и теми на Фејсбук профилите можат да ја проценат возраста, полот и карактеристиките на личноста, и тоа со изненадувачка точност.

Нивниот пристап на анализирање на сите зборови врши подобри проценки во оваа смисла од традиционалните методи кои до сега ги користеа психолозите, како што се анкети или прашалници, во кои зборовите наместо да се извлекуваат од текстови (во овој случај фејсбук статуси) беа однапред дадени.

Истражувачите создале и облаци од зборови кои според нив овозможуваат досега невиден увид во психолошкиот свет на луѓето. Притоа се издвојуваат главно четири доминантни карактеристики на личноста: екстровертност, интровертност, неуротичност и емоционална стабилност. Еве кои се најчесто употребуваните зборови за секој од овие психолошки профили (не се секирајте ако се препознаете во една од нив). Клик за поголема резолуција.

 

 

 


Направени се и облаци кои се однесуваат на возраста и на полот. Oсобено ни се видоа интересни разликите во најчесто користените термини во родова смисла (шопинг наспроти други видови забавни активности).


 

 

 

Ова е секако неверојатно унапреден начин на собирање податоци, многу попрактичен од тоа илјадници луѓе да пополнуваат некакви формулари. Мааната е што постари луѓе во многу помала мерка ги користат социјалните мрежи, а и помеѓу помладите има такви кои ги одбегнуваат. Така, овие резултати сепак се ограничени на корисниците, во случајов на Фејсбук, и тоа треба да се земе предвид при секој обид за нивна генерализација.

Студијата е дел од Проектoт за благосостојба на светот (каков наслов..) чија цел е да се анализира големото количество податоци кое стои на располагање онлајн во светлина на психолошките теории.

5 октомври 2013 - 09:38