Брижит Бардо, Нико, Далида - ова се само некои од славните имиња на актерки и музичарки со кои Ален Делон имал љубовна врска. Но една од нив, која никогаш не му станала официјална сопруга, до крајот на животот му била в срце. Розмари Магдалена Албах, попозната како Роми Шнајдер.
Германско-француската актерка се смета за една од најголемите на сите времиња, особено во родната Австрија поради нејзината улога на австриската царица Елизабета или Сиси од средината на 1950-тите. Преселувањето во Франција ѝ донело улоги во филмови на тогаш најславните режисери, како Kлод Шаброл, Лукино Висконти и Жак Дере. Филмот од 1958, „Кристина“ на Пјер Гаспар-Уит, базиран на драмата на Артур Шницлер, за неа ќе биде пресвртен, во момент кога е веќе уморна од тоа да биде позната само како Сиси.
Партнер во филмот, а од тогаш и во животот, ѝ станува Ален Делон.
Нивната врска трае шест години, а светската јавност им го следи секој чекор. На почетокот во својот дневник Роми го опишува Делон како „премногу згоден, премногу млад, премногу скоцкан“. Прв пат се виделе на парискиот аеродром Орли каде продуцентите му рекле да ја пречека од Виена со букет, додека наоколу вриело од фоторепортери.
Нивните славни паралелни кариери често се допирале, па така заедно глумеле и во театар, на пример во „Штета што е курва“, во режија на Џон Форд. Висконти има изјавено дека дури и си личат - дека помеѓу веѓите им се прави истото латинично В кога глумат страв или возбуда.
Но таблоидите вриеле од гласини за неверствата на Делон, а некои од нив тој не ги ни криел. Во 1962 музата на Ворхол, Нико, родила син Ари кого Делон не го признал - но затоа подоцна го посвоила Аленовата мајка. Парот ги пребродил овие рани предизвици и се верил, но свадбата била одложувана повеќе пати. Тогаш Алан ја сретнал и се заљубил во 22-годишната манекенка Натали Бартелеми.
Во 1964 Шнајдер добила рачно испишана белешка во која пишувало: „Жал ми е. Знам дека ќе те направев несреќна. Заминувам за Мексико со Натали. Ти посакувам сè најдобро“. Очајна, таа набргу потоа се омажила за германскиот режисер Хари Мејен, со кого имала син.
Сепак, тие повторно професионално соработувале. Делон, веројатно поради грижа на совест, се изборил таа да му биде партнерка во „Базенот“, во улога која претходно требало да ја игра Моника Вити. Лоциран во вила во Сен-Тропе во тек на долго топло лето, филмот на Жак Дере станал култен и поттикнал муабети за повторно оживување на врската.
Но тоа не се случило, иако двајцата останале пријатели. Понатамошниот живот на Шнајдер бил обележан со лична трагедија. Се развела од Мејен, а тој подоцна се самоубил, што ја поттикнало нејзината депресија и алкохолизам. Во 1981, нивниот син Давид починал на само 14 години во трагична несреќа, откако се набил на железна ограда обидувајќи се да се прекачи во дворот на куќата на неговите баба и дедо. По само неколку месеци Роми била пронајдена мртва во Париз. Официјалната причина била срцев удар. Имала само 43 години.
Речиси 40 години по нејзината смрт, во 2018, Делон објавил кратка порака во Ле Фигаро: „Розмари Албах-Рети попозната како Роми Шнајдер денес, 23 септември, ќе полнеше 80 години. Оние кои ја сакаа и кои се уште ја сакаат нека ѝ испратат мисла. Ти благодарам. Ален Делон.“