Јохан Беслер во време на својот живот, средината на 18 век, се прославил со своите тркала што, според сведоштвата, се вртеле без престан и без видлив извор на енергија. Доволно било лесно да се поттурнат за да почнат да се движат, по што постепено ја зголемувале брзината и се стабилизирале во рамномерен ритам. Понекогаш дури и кревале тегови, како да располагаат со некаква скриена сила. Одвнатре се слушале удари, но механизмот секогаш останувал внимателно сокриен. Беслер не нудел објаснувања - освен ако некој не бил подготвен да плати огромна сума за неговата тајна.
Неговото време било особено погодно за ваков вид сензација. Научниот свет бил длабоко поделен од спорот меѓу Исак Њутн и Готфрид Лајбниц тоа кој прв го открил калкулусот (гранка од математиката кај нас попозната како математичка анализа), спор што се проширил и врз пошироки прашања за природата на движењето, енергијата и универзумот. Во таква атмосфера, научниците често биле повеќе заинтересирани да ги потврдат сопствените теории отколку да ги проверат туѓите експерименти. Беслер, очигледно, знаел како да ја искористи оваа состојба.
И покрај скепсата, неговите тркала привлекле внимание и од највисоките интелектуални кругови. Дури и Лајбниц изразил поддршка, а други научници, по внимателно разгледување, тврделе дека не можат да пронајдат надворешен извор на енергија. Најимпресивниот експеримент бил кога едно од тркалата било затворено во запечатена просторија и, според сведоците, продолжило да се врти и по повеќе од еден месец. Во отсуство на прецизно објаснување, фасцинацијата само растела.
Но во позадина, физиката - дури и во своите тогашни недооформени рамки - веќе нудела силни аргументи против ваква можност. Она што подоцна ќе се формулира како Вториот закон на термодинамиката подразбира дека енергијата не може да се создава од ништо и дека вечна машина од ваков тип е невозможна. Уште Леонардо да Винчи со векови порано покажувал дека т.н. „гравитациски машини“ не можат сами да се одржуваат во движење.
Пресвртот доаѓа кога слугинката на Беслер, Ана Розине Мауерсбергерин, посведочила дека тркалото било всушност управувано со скриен механизам од соседна просторија и дека таа учествувала во измамата под закана. Ова сведоштво, иако не може целосно да се провери, било доволно за многумина да се дистанцираат од Беслер. Неговата репутација почнала да се распаѓа исто толку брзо колку што некогаш растела.
До крајот на животот, тој веќе не бил чудотворецот што ги збунувал научниците, туку маргинализирана фигура што се обидувала да преживее со нови, неуспешни проекти. И покрај тоа, прашањето останува отворено: ако станувало збор за измама, како точно била изведена? Ниту еден од современиците не успеал да ја открие тајната, а ниту пак подоцнежните обиди за реконструкција не дале убедлив одговор.
Токму тука лежи трајната привлечност на приказната. Ако Беслер навистина измамил, тогаш тоа било со таква вештина што ги довел во заблуда најголемите умови на своето време. Ако, пак, не мамел, тоа тогаш би значело дека постои нешто што науката сè уште не го разбира. Меѓу овие две можности, историјата се чини дека се наклонува кон првата, но без да ја разоткрие до крај. И можеби токму затоа, тркалото на Беслер сè уште се врти — барем како идеја.