Кино-вистина

Најдобриот експериментален филм за мачки

Навидум ништо посебно - мачор и мачка во нем, црно-бел филм од '40-тите. Но ова сепак не е само првото ЛОЛ видео на сите времиња со овие слатки цицачи.

Во текот на 1940-тите Маја Дерен и Александар Хамид (маж и жена) почнале со снимање кратки експериментални филмови. Првиот, Meshes in the Afternoon, e надреален филм во кој преку креативна монтажа, необични агли на снимање и „слоу моушн" се опишува свет во кој е тешко да се разликува стварноста од измисленото.

Но освен овој филм, кој станал еден од најцитираните и фалени од тој период, Маја и Александар направиле уште еден пред да се разделат. Не, филмот не е за Анаис Нин, или за Џон Кејџ, ликови со кои тие се дружеле. Не е ни за некакви метафизички теми од типот смрт, подсвест, битие. Филмот е за - мачки.

„Интимниот живот на мачките" има два главни лика: мачорот и мачката на режисерите, и нивното потомство. Филмот е црно-бел и нем (со фина музика), и претставува исечок од животот на овие мили суштества, и тоа еден интензивен момент, на раѓање на пет мали мачиња.

Прогласено за првото „ЛОЛ видео со мачки" ова е всушност многу повеќе од тоа. Да речеме дека е исполнување на сонот на Џига Вертов или Жан Руш за „кино-вистина", онакво филмско творештво во кое нештата (настаните и чувствата) нема да бидат наместени туку автентични и спонтани. Тука никој не глуми, мачките чувствуваат вистинска болка и страв и радост. Остана ли некој таков со луѓе?

25 април 2013 - 08:47