Во вестите поврзани со науката оваа година повторно доминираа оние поврзани со Ковид-19, но истовремено беа направени други големи откритија, кои некако останаа на маргините на јавниот интерес. Така, НАСА спушти уште еден ровер на Марс, истражувачите открија нов можен човечки вид, а беа откриени и начини на кои климатските промени ги менуваат телата на некои птици и животни. Истовремено, актуелната ситуација поттикна понатамошни размислувања за иднината и насоките во кои би требало да одиме уште од сега, за да обезбедиме одржлив развој и воопшто опстанок.
Еве неколку книги кои беа прогласени за најдобри од научно-популарната област во 2021 од страна на списанието Смитсонијан.
„Под белото небо: природата на иднината“ од Елизабет Колберт
Добитничката на Пулицер ги истражува начините на кои луѓето директно трансформирале повеќе од половина од почвата на која нема мраз на Земјата, при што индиректно ја трансформирале другата половина, со голем број негативни последици за кои е потребно да бидат санирани. Таа нè носи во канал близу Чикаго, каде властите ја електрифицирале водата, за на тој начин инвазивниот крап да не може да навлегува во Големите езера. Патува на Хаваи и во Австралија, каде океанолозите се обидуваат да развијат супер-корали кои можат да издржат растечки температури на водата и да ги спасат гребените. Исто така детално опишува геоинженерски план за пумпање дијаматнска прашина во атмосферата, за таа да ја рефлектира сончевата светлина и да го намали влијанието на климатските промени. Индиректно наведувајќи го своето „кредо“, таа се повикува на изјава на еден нејзин соговорник кој вели - мојата работа не е да соопштувам добри вести, туку да го опишам светот колку што е можно попрецизно. Токму она што таа го прави во оваа книга.
„Претчуство: пандемиска приказна“ од Мајкл Луис
Оваа книга е всушност трилер, но се заснова на вистинити приказни. Таа раскажува за неколку научници и административци кои го следат навлегувањето на коронавирусот во САД, но истовремено нè воведува во животот на нековенционалните мислители кои ги предизвикуваат таканаречените експерти. „Лошите“ во приказната се високи владини функционери кои во најмала рака ги игнорираат или ги оцрнуваат оние кои можат да помогнат, а дополнителна пречка се бирократските системи. Помеѓу ликовите се миркобиолог кој инјектирал ебола во срца на живи питони за да го испита развојот на болеста, и здравствен службеник кој во минатото бил проколнат од црковни водачи поради тоа што се запишал на медицина. Тие се судираат со моќните сили на политиката, фармацевстката индустрија и профитот.
„Радоста на потењето: необичната наука зад потта“ од Сара Евертс за којашто претходно пишувавме тука.
„Работ на животот: потеклото на тоа што значи да се биде жив“ од Карл Зимер
Интуитивно ја знаеме разликата помеѓу живите нешта и неорганската материја, но Зимер во оваа книга покажува дека границата и не е толку јасна колку што изгледа. Дали една капка крв е жива? А еден вирус? Ова ја прави и целата идеја за смртта прилично неодредена. Жива материја може да биде исушена и замрзната, но кога ќе се додаде вода и топлина повторно да оживее и тоа по повеќе години, дури и по децении. Зимер се потсетува на познат експеримент од 1950-тите, кога научниците се обиделе да симулираат услови на земјата од пред 3,5 милијарди години. Иако од нивните апарати не исползеле живи суштества, сепак експериментот произвел амино киселни, кои се градбени елементи на животот. По читањето на книгата излегува дека „живо“ и „неживо“ се придавки кои ние им ги припишуваме на нештата, а не објективни категории.
„Сакани ѕверови: борба за живот во време на истребување“ од Мишел Ниџуис
Авторката нуди свеж поглед во историјата на движењето за конзервација од доцниот 19 век. Тука има поединци за кои таа вели дека понекогаш „правеле погрешни нешта поради вистинските причини, и исправни нешта поради погрешни причини“. Учиме за Вилијам Темпл Хорндеј, кој убил голем број ретки бизони на Западот во 1886 за да изработи музејска диорама, пред да започне програма за заштита и репродукција за да го спаси точно истиот тој вид. Розали Еџ била љубителка на птици која го формирала здружението Одибон во 1920-тите за да добие поголема поддршка за мршојадците (за неа подетално пишувавме тука). Денес повеќе од еден милион видови се под закана на истребување, а во последните две децении повеќе од 1800 поединци се убиени поради нивните заложби за конзервација и спас на живеалиштата на различни видови. Ова е историска книга, но успесите и неуспесите на овие луѓе можат да послужат за насоки во иднината.
Повеќе за најдобрите научно-популарни книги по избор на Смитсонијан тука