Госпоѓа Еџ: приказната за радикалната спасителка на птици

Нејзината појава е опишана како мешавина на кралицата Мери и ловечки пес - упорна, опседната со заштитата на птици и на сиот жив свет, таа успеала да ги помрдне нештата во конзервациските кругови. Денес нејзиното име сепак не е толку познато.

Низ историјата птиците се ловени не само поради месото, туку и поради нивната убавина. Ацтеките ги украсувале со нивните пердуви косите, облеките и таписериите. Трендот во Европа започнал со Марија Антоанета, во 1775, кога како млада кралица почнала да ги украсува нејзините огромни напудрени перики со огромни додатоци од пердуви. До доцниот 19 век тие влегуваат и во конфекцијата, достапна на жени од Европа и Северна Америка. Шапките биле украсувани не само со поединечни пердуви туку полнети и со остатоци од цели птици, сосе клунот и стаклените очи.

Опсегот на ова лудило било документирано од орнитологот Френк Чепмпен во 1886. Од 700 шапки кои тој ги регистрирал на улиците на Њујорк, 542 биле украсени со пердуви од 40 различни видови птици, вклучително и клукајдрвци и црвеногушки. Таа година биле убиени дури пет милиони северноамерикански птици само за да ја задоволат побарувачката за дамски „аксесоари“.

(фотографија од еден таков лов на птици за модни цели)

Мажите-биолози од двете страни на Атлантикот за ова ги обвинувале потрошувачките-жени. Други ја согледувале работата подлабоко, како Вирџинија Вулф, која во писмо до феминистичкото списание „Жена лидерка“ не штедела критики за „Ѓоспоѓа таа-и-таа“ и нејзиниот мерак за украсување со жолто обоени пердуви од штрк, но сепак укажала на фактот дека птиците се убивани од мажи.

Конзервационистите го кренале својот глас и трговијата со пердуви е забранета. Но по овој првичен успех нештата како да слегнале и движењето како да ја загубило амбицијата. Ова се случува на почетокот на Големата депресија, кога луѓето имале поголеми секирации од птиците. Но една жена не мислела така.

Розалин Еџ била родена во 1877 во славно семејство од Менхетен, кое тврдело дека е роднински поврзано со Чарлс Дикенс. Како дете добила свилена беретка украсена со прекрасни пердуви од колибри. До своите рани 40-ти не покажувала посебен интерес за живи птици, а била посветена на промоција на женските права. Во 1917 Њујорк станала првата држава на исток на САД која го гарантирала правото на жените да гласаат. Сметајќи дека овој дел од борбата е завршен, таа се свртила кон нешто поинакво - грижа за голем див имот под име Парсонаж Поинт, кој таа и нејзиниот сопруг го купиле во 1915.

Додека траеле работите на имотот, таа и семејството живееле под шатори. Секое утро излегувала и ги набљудувала птиците, а нејзините деца тогаш на 6 и 4 годишна возраст, ги хранеле. Но оваа идилична слика не траела долго - сопругот побарал развод и таа и децата морале да се вратат во градот.

Набљудувањето птици сепак ѝ останало важна преокупација, која ѝ ги исполнувала осамените денови. Најпрвин мислела дека во градот не може да забележи голем број видови, но набргу сфатила дека во Централ парк има исто толку богат живот како и на село, со околу 200 видови регистрирани секоја година. Се поврзала со срамежливата заедница на птичари која веќе постоела во градот и почнала да ги проверува белешките кои ги оставал за другите птичари Лудлов Гриском, тогашен куратор за птици во Американскиот природонаучен музеј. Набргу се спријателиле, а и нејзиниот син Питер почнал да се опседнува во набљудувањето птици. Таа му се јавувала на школо и ставала пораки каде да појде на враќање за да ја види таа и таа птица. А кога школото почнало да одбива да му ги пренесува пораките, таа почнала да му праќа - телеграми.

Постепено се здобила со довербата на професионалните орнитолози и се вклучила во тогаш водечката организација за конзервација не само во Северна Америка туку и во светот. Во тој момент имала 52 години, се облекувала главно во црни сатенски фустани и носела комплицирани шапки (но никогаш со пердуви). Имала „кралска“ појава, како што ја опишал Њујоркер, „нешто помеѓу кралицата Мери и сомничаво ловечко куче“. Сепак, официјалниот пристап на оваа организација за неа не бил доволно радикален, па формирала своја организација, Emergency Conservation COmmittee. Следела бура од памфлети, судски тужби, воспоставување национални паркови и заштитени зони за птици, како и активност која ќе трае следните 32 години.

„Секоја птица и секое животно мораат да бидат заштитени. Не само затоа што овој или оној вид е интересен за некоја група биолози, туку затоа што тие се алка во синџирот кој води до мајката на секое живо суштество на оваа почва“, напишала таа. Во текот на нејзиниот живот морала да се бори и против стереотипот според кој местото на жените не е по планини и ридови со дурбин во рака, ниту пак помеѓу јастребите и соколите. Истовремено нејзиниот стил не бил добредојден помеѓу професионалците, кои биле предипломатични и за нејзин вкус, работеле преканцелариски. Иако нејзиното име е познато во птичарските кругови, таа и до денес го нема целосно добиено заслуженото признание.

извор

27 март 2021 - 08:26