Prix du Roman Arabe (Награда за арапски роман) од 2008. се доделува за дело со висока книжевна вредност, напишано на француски или преведено од арапски на овој јазик, кое го поттикнува интеркултурниот дијалог помеѓу арапскиот свет и Франција.
Спонзори на паричниот дел од наградата од 15,000 евра се дипломатите од Арапската лига со седиште во Париз, и тие оваа година одлучиле дека книгата „Улицата Дарвин" не може да ги добие парите бидејќи нејзиниот автор, Алжирецот Буалем Сансал, во мај зборувал на литературен фестивал во Израел. Тогаш Хамас, палестинската исламистичка група, изјави дека тој извршил „чин на предавство против палестинскиот народ".
Според зборовите на авторот, тој бил гостин на третиот меѓународен фестивал на писатели во Ерусалим, и зборувал во врска со израелските населби на округла маса заедно со автори од Израел, опишувајќи ги како елементи на окупација. Но неговите изјави сега се преиначуваат, а фактот што воопшто бил присутен на тој настан се зема како доволен за укинување на спонзорството. Наградата, без паричниот дел, му е доделена на 21. јуни, на мала церемонија во канцелариите на неговиот издавач, Галимар.
Претседавачот на жирито кое ја доделило, Оливие Поавр д'Арвор, директор на француското Радио култура, приложи оставка во отворено писмо, а и други автори го осудија мешањето на политиката во книжевноста. Тахар Бен Жалун, познатиот марокански романописец и член на жирито изјавил дека наградата ќе продолжи да постои и дека ќе бидат побарани нови спонзори.
Сансал бил критичен кон воената власт во Алжир, каде неговите книги биле цензурирани. Во 2008. тој го споредил радикалниот исламизам со нацизмот во романот „Селото на Германците или Дневник на браќата Шилер" каде го опишува животот на еден наци офицер кој станува херој на Националниот ослободителен фронт, кој е сега на чело на Алжир.