За не-дај-боже тоа да му се случи на Њујорк, Џејмс Гуливер Хенкок решил превентивно да се посвети на еден така..мал..проект. Да ги исцрта сите, ама баш сите згради во овој град.
Целата работа почнала во 2010 на личниот блог на Хенкок, каде ги објавувал цртежите онака како што настанувале. Кога стигнал до 500-тиот, ги објавил во книга со многу соодветен наслов: „Сите згради во Њујорк: оние кои ги нацртав до сега". Дека ќе има и други цртежи и книги на оваа тема е јасно ако се земе предвид дека целта на авторот му е да се исцртаат 900,000 њујоршки градби.
35-годишниот Хенкок е всушност од Австралија, и тој живее дел од годината во Сиднеј, дел во Бруклин, каде работи како дизајнер. Негови претходни проекти биле „Сиот дожд во Лондон", „Сиот снег во Монтреал" или „Сите точаци во Берлин" - обиди да се регистрира она што е најзабележително за секој од овие градови во кои живее. Блогот посветен на зградите на Њујорк го започнал за подобро да го разбере неговиот нов дом, во кој облакодерите, но и старите и славни градби заземаат значајно место.
Тој најчесто црта на самото место, стоејќи пред одредена зграда, но тоа се црно-бели скици кои потоа ги дотерува дома служејќи се со фотографии кои самиот ги сликал. Откако блогот му станал популарен тој почнал да добива нарачки за згради кои на луѓето нешто им значеле. Тој сепак најмногу сака да ги црта старите згради, во чии подруми се уште чрчори стариот котел за греење и на чии скали луѓето се поздравуваат со години, добро познавајќи се меѓусебе. Наскоро можеби овие згради ќе ги нема, и на нивно место ќе изникнат огромни стаклени грдосии. Но на цртежите на Хенкок тие се уште ќе бидат на своето место.