Пејачот, гитарист и композитор Роби Робертсон, најпознат како лидер на американско-канадската група The Band, почина на 80 години по долга болест. Негов последен проект беше саундтрак за „Убијци на месечевиот цвет“, новиот филм на Мартин Скорсезе.
Откако во 1976 токму Скорсезе го сними документарецот за последниот концерт на Д Бенд, антологискиот „Последниот валцер“, Робертсон соработуваше со режисерот како композитор и музички продуцент, речиси на сите негови филмови, од „Разјарениот бик“, преку „Волкот од Вол стрит“, до „Ирецот“ и последниот, „Месечевиот цвет“.
Д Бенд својот подем го забележаа на почетокот на 1970-тите, благодарејќи на соработката со Боб Дилан и настапите на големите фестивали како Вудсток.
Новото издание на Скопскиот филмски фестивал (СФФ), што ќе се одржи од 4 до 9 ноември, се враќа по тригодишна пауза со богата програма и македонската премиера на филмот „17“ на Косара Митиќ.
Во главната конкурентска програма под насловот „Дијалози“ се осум филмови - „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“, „Спирала“, „Изабел“, „Нема рај ако ти убие жена“, „Отфрлен“, „Чувство на дом“, „Мизерна мајка“ и „Тивки ноќи“. Во рамите на програмата ќе бидат прикажани и филмовите „Фјорд“ и „17“ и „Електричен бакнеж“, кои се надвор од конкуренцијата. Во програма насловена „А1 Кинотека“ со почеток од 13 часот ќе бидат прикажани филмови од богатата српска кинематографија.
Затворањето на фестивалот и поголем дел од проекциите ќе се одвиваат во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар. Целосната програма тука, карти достапни на МКТикетс.
Во среда, 4 ноември, со почеток од 19 часот, Концепт кафе Шума ќе биде домаќин на уникатна фотографска изложба насловена „Чајанка“, чија авторка е истакнатата млада визуелна уметница Емилија Сандиќ. Настанот се организира во рамките на активностите на Зрно фестивал, посветен на промоција и истражување на алтернативните фотографски процеси.
Серијата фотографии е настаната во процес на истражување на ретката и фасцинантна техника mordançage — алтернативна фотографска постапка во која фотографската емулзија, под дејство на специфични хемикалии, се разградува, се подигнува од хартијата, се разлева и се трансформира – слично како што се подготвува чај. Преку оваа материјална промена, Сандиќ го истражува деликатниот однос помеѓу контролата и случајноста, како и меѓу стабилниот и променливиот слој на фотографијата.
Со изборот на мотивот — растенија од кои се подготвува чај — во центарот на фокусот е ставен процесот на инфузија: моментот во кој врелата вода ја покренува трансформацијата, извлекувајќи боја, трага и мирис од сувата материја.