- Нова антологија на македонска поезија во превод на Димитрис М. Мосхос се состои од 17 поети, од поствоената генерација до модерните трендови. Изданието е електронско и може да се купи од сајтот на издавачот.
- Според приредувачот, македонската поезија е „невидлива“ во Грција, главно маргинализирана поради „стигмата на своето име“.
- Издавачката куќа која стои зад изданието, Антипод, е формирана во 2014, посветена на квалитетни преводи на прозни и поетски дела на грчки. Нивниот каталог, меѓу другите, вклучува дела на Михаил Булгаков, Александар Поуп и Фланери О’Конор.
- Првата изложба на Зрно фестивалот, насловена како „Sehschärfenbestimmung/Проверка на диоптријата“, ќе се отвори во вторник, 8-ми април, во 20.00 часот во КСП Центар – Јадро, во соработка со Galerie Guerilla од Виена. На неа ќе учествуваат 60 автори со по едно свое дело. На истата локација ќе биде поставена до 16 април.
- Голем дел од авторите/авторките се учесници на работилниците за благородни фотографски постапки кои ги организира Зрно фестивалот.
- Од Македонија учествуваат: Кети Талевска-Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам, Сашо Алушевски, Еџе Али, Анѓела Танчевска и Филип Ицовски.
- Утре (петок, 4 април) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи разговор со писателот и преведувач Владимир Јанковски, чиј роман „Ехото на акробатите“ е книга за месец април во сите библиотеки од мрежата на ГБСК. Разговорите со домашни автори, книгата на месецот и клубот на читатели се препознатливите елементи на големата кампања „Читаме современи македонски автори“.
- Модератор ќе биде Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Настанот ќе се одржи во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
- Јанковски за оваа книга ја доби наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година, признание што го доделува издавачката куќа Арс Ламина.