Мерил Стрип ќе ја игра Џони Мичел во нов биографски филм

Физички можеби не личат, но ја имаат онаа карактеристика што наш другар ја нарекува „силна женска присутност“. Мерил ќе ја игра Џони во претстојниот биографски филм за легендарната кантавторка, во режија на Камерон Кроу.

Mузичките биографски филмови очигледно стануваат тренд. Откако ги изгледавме оние за Дилан и Спрингстин, „се пече“ серијата на Сем Мендез за секој член на Битлси поединечно, па за животот на Мајкл Џексон, Мадона, Би Џиз, Фред Астер. Во таа низа сега се најде и проект кој засега нема официјален наслов, за легендата Џони Мичел. Засега единствен потврден актер е Мерил Стрип, која ќе ја игра денес 82-годишната Мичел. 

Минатата година, како можни актерки за проектот беа спомнувани Ања Тејлор-Џој („Дамскиот гамбит“), која наводно требаше да ја игра помладата Џони Мичел, како и Аманда Сајфред, колешка на Стрип од филмот „Мама миа!“.

Режисер ќе биде Камерон Кроу, најпознат по музичката драма „Речиси славен“, базирана на неговата рана кариера како тинејџер-автор за „Ролинг Стоун“ за која доби Оскар за најдобро оригинално сценарио, а потоа беше адаптирана за бродвејски мјузикл. Тој со Мичел го планирал проектот последниве три години. Тој нагласува дека, за разлика од поновите биографски филмови кои се фокусираат на кратки периоди од животот на музичари како Боб Дилан или Брус Спрингстин, овој филм нема да се темели на биографска книга, туку на личното сведоштво на самата Мичел.

Мерил Стрип и претходно добивала признанија за улоги на музичари од реалниот живот. Таа беше номинирана за Оскар за улогата на виолинистката Роберта Гуаспари во „Музика на срцето“ (1999), како и за главната улога во „Флоренс Фостер Џенкинс“ (2016), филм за животот на познатата аматерска пејачка, каде мораше да пее ужасно лошо - нешто од што се надеваме во меѓувреме се одвикнала. 

4 февруари 2026 - 09:40