Систематски теориски и лингвистички истражувања на Твитер кај нас не ни се познати, што може да значи најмалку две работи: или до влијателните јазичари и теоретичари сè уште не се пристигнати вестите за тоа дека „неофицијалните“ (читај: „несериозни“) канали за комуникација во меѓувреме станаа и многу официјални и многу сериозни, или пак хендикеп е нивниот зазор да се занимаваат со фејсбук статуси и твитови како со специфичен (јазичен) корпус, што би подразбирало и негова софтверска обработка (соработка со програмери, малку математика, дијаграми, таблици), и би овозможило и квантитативна, а не само квалитативна анализа. Последново би можело да е добар антидот на чисто „импресионистички“ прегледи понудени како анализи, со оглед на тоа што е невозможно еден истражувач да следи секого и сè, и оттаму да носи релевантни заклучоци за тоа како стојат работите кај „македонската твитер заедница“.
Но има и исклучоци, на истражувачи кои без оглед дали дошле на (во случајов) Твитер примарно поради истражувачки интерес или сосема случајно, ваквото набљудување со учество после одредено време минато онлајн го преточуваат во обид за опис и систематизација на она што се случува на оваа социјална мрежа. Во случајов се работи за неодамна објавен текст под наслов „Реторика и поетика на твитот“ во списанието „Спектар“ на Институтот за литература, од академик Катица Ќулавкова (@kkulavkova). Почнувајќи од дефиниција на твитот како лингвистички жанр, принципите врз кои функционира мрежата, до социо-културната улога која ја игра твитот во нашата средина (илустрирано со соодветни примери), тој изгледа повеќе како обид за претставување и популаризирање на Твитер како жанр меѓу колегите кои за разлика од авторката не се активни твитерџии, а особено за оние спомнатите погоре, кај кои веста за постоењето и релевантноста на овој медиум сè уште не пристигнала.
Но поинтересна од неговата содржина е реакцијата на „истражуваните“ - самите твитерџии. Од она што го гледаме во нашиот твитер „бабл“, со мал број исклучоци, тие или го игнорираат, или пак се наоѓаат навредени од очекувањето (на нивната колешка-твитерџика-академик) да го прочитаат и валоризираат текстот како обид за промоција и на медиумот, и на придонесот кон него на некои од нив. Академијата (не само МАНУ, туку општо академската заедница), во случајов епитомизирана преку еден свој претставник, повторно е обвинета за патронизирање и самодоволност, и покрај токму спротивниот обид - да ги разбие стереотипите за нејзината незаинтересираност за она што се случува во „реалниот свет“.
Во што би можел да е проблемот, погледнато од (сино)птичја перспектива?
Од аспект на твитерџиите:
- Нелагодноста дека си набљудуван и (зло)употребен
Додека се твита често се губи свеста за тоа дека напишаното останува, и може да биде искористено и за неочекувани цели. Реобјавувањето на твитови на други медиуми, веќе вообичаена практика, за авторите се доживува како пофалба, додека принт-скриновите кои потсетуваат на нечии твитер „гревови“ болат само ако се по свој, а не и по туѓ грб.
Но кога ќе излезе текст кој се обидува да го рационализира она што се случува на локалната твитер сцена, таа реагира како политички освестен субјект, од кого не била побарана „информирана согласност“ (термин од општествените науки, за соговорник чии искази се користат во истражувачки цели). Ваквиот повеќекратен аршин кога е во прашање твитер приватноста е само навидум парадоксален, но прилично „логичен“ ако се земе предвид подготвеноста (привидната) приватност да се жртвува во име на (некаква) популарност, но не и таква стекната преку академски текстови. Тогаш таа иста приватност се смета за злоупотребена, од страна на истражувачот, за негова (во случајов нејзина) слава и популарност.
Од аспект на набљудувачот/истражувач/твитерџија:
- „Јас ве промовирам, а вие ме игнорирате“
Високиот социјален офлајн статус не се прелева автоматски и онлајн. Доколку човек фигурира под вистинското име, ова може да биде истовремено и извор на авторитет, но и на прилично агресивни обиди за негово подривање. Ова голем број интелектуалци (што и да значи овој збор, да речеме познати писатели, професори, истакнати „дејци“ во своите области), не само кај нас, прилично брзо го учат, и тоа на потешкиот начин. Голем број од нив креваат раце од Твитер, неподготвени да излезат на крај со неговите механизми на срамотење, клеветење и виртуелно казнување (па макар и со молк). Други издржуваат по цена на губење фокус од своите примарни обврски (статии со импакт фактор, роман во три тома, држење часови), сметајќи дека исполнувањето на нивната просветителска кауза и мудар збор се најпотребни токму кога на „агората“ ѝ фали уште еден Сократ, па макар на крај завршиле со чаша отров од кукута (или запалени како вештерка од Иствик).
Но нивното чувство дека со тоа прават некому услуга е во основа нарцисоидно, не многу различно од истото во реалниот живот. Присуството на Твитер и воопшто на интернет за секого, но особено за оние од високото интелектуално „добро утро“, е многу добра школа за соочување со Јавноста, која се состои од често неочекувани „другости“, со свои табиети, и која - види чудо - реагира (или сурово игнорира). Ваквата ситуација за некој кој потекнува од кабинетски свет на книги (чии мртви автори не можат да се бунат и кога се можеби погрешно толкувани), или од свет на соговорници кои немаат инстант пристап до медиум за критика (баби и дедовци од напуштени села), може да биде шокантна. Но минувањето низ овој „обред на премин“, иако знае да биде болен, е нужен. Како коректив, и како памет за друг пат - дека кога јавноста е „неблагодарна“ најверојатно е до неа. Но можеби е и до нас, што таквата благодарност воопшто и ја очекуваме.
Илина Ј.
Види и: „Како тиранијата на социјалните мрежи го менува интелектуалниот пејзаж“