На Меѓународниот ден на поезијата: зошто се преглумува кога се читаат стихови на глас?

Зошто многу поети имаат препознатлив, речиси „пејачки“ начин на читање кога настапуваат? Овој феномен, често нарекуван „поетски глас“, не им пречи само на слушателите, туку и на самите поети, кои со децении го критикуваат како клише, неприроден и понекогаш дури и здодевен.

Поезијата по својата природа е врзана за звучноста на јазикот - ритамот, римата и музикалноста. Добриот поет внимателно избира зборови не само по значење, туку и по тоа како тие звучат заедно. Но, за разлика од раперите или професионалните изведувачи, повеќето поети не се обучени за настап, па кога читаат пред публика, наместо да ѝ дозволат на самата песна да „запее“, тие често наметнуваат вештачка интонација. Таа звучи како ист мелодиски шаблон, без оглед на содржината на стиховите. Секако, не сите поети читаат на тој начин. Постојат и настапи што звучат природно и непосредно, без претерана драматизација. Но првоопишаниот стил се користи толку често што има станато препознатливо клише. 

Критичарите разликуваат два главни типа „поетски глас“. Првиот е бавен, свечен и монотон, каде секој стих се изговара како да е подеднакво значаен. Вториот потекнува од сценски настапи и слем-поезија – поекспресивен, со нагли промени во ритамот и гласноста, често нагласувајќи силни емоции како гнев или траума. Првиот тип најчесто се поврзува со желбата поетот да звучи сериозно и „возвишено“, поттикнат или од очекувањата на публиката или од сопствената претстава за улогата на поезијата.

Некои поети признаваат дека ваквиот начин на читање е обид да се направи и најобичната мисла да звучи подлабоко или поинтересно. Проблемот е што понекогаш дури и добри песни звучат полошо кога се читаат на овој начин. Стилот се пренесува и преку учење: младите поети слушаат други поети и несвесно го усвојуваат истиот модел на интонација. Така, индивидуалната навика станува колективна норма.

Сепак, има и поинаков пристап. Наместо да се користи однапред зададен „поетски глас“, се предлага изведбата да произлегува од самата песна – од нејзиниот ритам и значење. Вештачката мелодија може да ја наруши смислата, додека природниот говор ѝ дозволува на поезијата појасно да допре до слушателот. Некои поети и професори денес активно работат на тоа да го елиминираат овој стил и да поттикнат појасен, поприроден начин на читање – оној што најдобро ѝ служи на самата песна.

извор

21 март 2026 - 09:57