30 април од страна на УНЕСКО е прогласен за ден на џезот, кога низ целиот свет се одвиваат различни активности. Централната прослава е во седиштето на ОН во Њујорк, каде ќе настапат Грегори Портер, Дејвид Сандборн, Рави Колтрејн и други. Концерти денес ќе има и во Скопје и Битола.
Џезот како жанр е анализиран од сите можни аспекти, и претставува симбол на игривост не само звуци туку пред сè на идеи. Токму затоа е многу близок до филозофијата, а тоа се потврдува и преку едно интервју на двајца славни претставници на двете дисциплини - францускиот филозоф Жак Дерида и американскиот саксофонист Орнет Колман.
Станува збор за серија разговори кои се одвивале на крај на јуни и почеток на јули 1997, пред и во текот на три концерти на Колман во Ла Вијет, музеј и концертна сала северно од Париз каде е сместен и Парискиот конзерваториум. За жал оригиналниот аудио запис не е сочуван, па тука го има транскриптот на разговорот којшто се водел на англиски.
Интересно е што во центарот на дискусијата е темата на јазикот, особено тн. „јазици на потекло“, такви кои ги зборувал нечиј предок. Како одговор на првото прашање на Дерида во врска со проектот „Цивилизација“ којшто ќе го презентира подоцна истата година во Њујорк, Колман објаснува дека преку него се обидува да претстави концепт според кој е можно да се преведе едно нешто во друго. „Сметам дека звукот има многу подемократска релација со информацијата, бидејќи не е потребна азбука за да разбереш музика“, вели тој во интервјуто.
Како пример на таквата „демократска врска“, Колман го наведува односот помеѓу џез изведувачот и композиторот. „Џез музичарот е веројатно единствениот за којшто композиторот не е многу интересна личност, во смисла на тоа што тој се обидува да го уништи она што композиторот го напишал...Идејата е дека двајца или тројца луѓе можат да разговараат со звуци без да се обидуваат да доминираат или да водат. Но притоа мора да бидеш интелигентен, претпоставувам дека тоа е зборот. Во импровизираната музика мислам дека музичарите се обидуваат повторно да состават емоционална или интелектуална сложувалка во кој инструментите го одредуваат тонот.“
Обидувајќи се да го спореди ова што го кажува Колман со медиумот на текстот, Дерида вели дека нешто слично е со читањето. Делото е рамка - исто како и напишаната композиција, и тоа нуди можности за различни читања, при што оригиналниот текст низ толкувањата може истоветно како и во музичкото читање да биде деконструирано и од аспект на авторот „уништено“.
Интервјуто содржи и моменти кои се однесуваат на влијанието на технологијата врз музиката, глобализацијата и искуството на Колман со расизмот, на што Дерида се надоврзува:
„Да зборувавме за мене, што не е случај, ќе ти кажев дека, на различен но аналоген начин, така е и за мене. Роден сум во семејство на алжирски Евреи кои зборуваа француски, но тоа не беше реално нивниот јазик на потекло. Немам никаков контакт со јазикот на моите предци.“
Орнет го прашува дали некогаш имал дилема што би се случило да било обратно, и дали јазикот на потекло може да влијае врз нечии мисли. „Тоа ми е енигма“, одговара Дерида.
Целото интервју кое содржи голем број вакви моменти на креативна размена и импровизации (на 11 страници) тука