„Ерата на пренагласениот еврејски интелектуализам е завршена. Ако си го земате правото да го фрлите ова интелектуално ѓубре во пламенот, вие, студентите, исто така ќе мора да ја преземете одговорноста за расчистување на патот за вистински германски дела“, изјавил министерот Гебелс пред насобраниот народ на берлинскиот плоштад, кој киснел на дождот. Првите фрлени факели згаснале, па морале да се вмешаат пожарникарите, кои спротивно на нивната вообичаена улога, го потпалувале оганот истурајќи бензин врз книгите.
Неколку денови пред и по настанот на 10 мај, кој бил најмасовен, палења биле вршени и на германските универзитети. Тогаш новиот претседател на Универзитетот во Фрајбург, познатиот филозоф Мартин Хајдегер, им се обратил на студентите со зборовите: „Пламени јазици, зборувајте ни, осветлете нè, покажете ни го пратот од кој нема враќање! Запален оган, вжарени срца!“.
Списокот на неподобни текстови бил долг, а единствен писател кој бил присутен на берлинското горење бил Ерих Кестнер, кој сведочел како неговите книги биле фрлани во пламенот. Тој бил еден од ретките кои воопшто останале во Германија, бидејќи до таа, 1933-та, најголемиот број од непожелните писатели веќе имале избегано. Генералните насоки според кои биле бирани делата биле следниве:
- дела на предавници, емигранти и автори од земји за кои се верувало дека можат да ја нападнат новата Германија
- марксистичка, комунистичка, бољшевичка литература
- пацифистичка литература
- литература со либерални и демократски тенденции
- сите историски дела чија цел била наводна дегенерација на чистиот германски дух
- книги кои промовираат уметност која е декадентна или чисто конструктивистичка
- дела во врска со сексуалноста кои служат на егоцентрично задоволство и порнографски дела
- дела на еврејски автори
- „кич“ литература со патриотска и националистичка содржина
Помеѓу авторите на вакви дела биле Хајне, Ајнштајн, Шницлер, Карл Краус, Роза Луксембург, Виктор Иго, Хемингвеј, Иго, Хаксли, Максим Горки, Достоевски.
Се знае и точното име на човекот кој ја направил листата - библиотекарот Волфганг Херман, кој со години пред палењата составувал списоци на книги кои библиотеките не требало да ги издаваат на читателите, и на такви кои ги препорачувал. Меѓу нив додуша не била и „Мојата борба“, па нацистите отпрвин малку се сомневале во неговата лојалност. Можеби затоа и бил толку агилен во составувањето на овие списоци, кои послужиле како основа на горењата.