Микела де Принс имала тешко детство, обременето не само од војната што беснеела во нејзината татковина, Сиера Леоне, туку и од тоа што имала витилиго, кожна болест која во таа средина била толкувана како „знак на ѓаволот“. Откако таткото починал во рудник за дијаманти, а мајката од прегладнетост, таа завршила во сиропиталиште, каде сите ја одбегнувале и ја добивала најлошата храна.
Но токму оваа автоимуна болест ѝ овозможила да биде посвоена. Елејн де Принс и нејзиниот сопруг Чарлс имале вдомено три момчиња со хемофилија во 1980-тите, но сите три добиле ХИВ и починале. Тие одлучиле овој пат да вдомат девојче од Сиера Леоне по име Мабинту, но кога се јавиле во домот излегло дека таму има две со истото име, кои делеле и ист кревет. Кога им кажале дека едното има витилиго, Елејн се сожалила бидејќи страдала од истата состојба, па ги посвоила двете.
Инспирирана од слика на балерина што ја видела во весник во детството, Микела почнала да учи балет. Таа околу 2015-тата често се појавуваше во светските медиуми, како ретка црна балерина. Беше дел од наградуваниот документарец „Прва позиција“ и од визуелниот албум на Бијонсе од 2016, „Лемонејд“. Настапуваше со Холандскиот национален балет и со Бостонскиот. Во 2018 Мадона изјави дека ќе режира биографски филм за неа, но од тогаш веќе не се слушна ништо за него.
На 13 септември беше објавено дека Микела починала, на 29 години, без да се соопшти причината за истото. Само 24 часа по неа, на 77 починала и нејзината мајка, во тек на рутинска процедура - подготовка за операција. Портпарол на семејството изјавил дека двата смртни случаи не се поврзани, а дека единствена утеха е дека Елејн не дознала за смртта на ќерка си и оттаму била поштедена од сознанието за губитокот на четврто од посвоените 11 деца.
Види претходно:
Сирачето од Сиера Леоне коешто стана балерина
Мадона ќе режира филм за военото сираче кое стана славна балерина