Микела го добила своето ново име на 4-годишна возраст, кога Елејн Де Принс ја посвоила неа, заедно со уште едно девојче од сиропиталиште од Сиера Леоне. Таткото на Микела бил убиен додека работел во рудник за дијаманти, а пак мајка ѝ умрела од изгладнетост набргу потоа. Вујко ѝ, кој требало да се грижи за неа по смртта на родителите, сметал дека нејзината кожна болест - витилиго - значи дека таа е „дете на ѓаволот" и решил да се отараси од неа, носејќи ја во сиропиталиште. Таму таа станала „бр. 27", најнепопуларното дете, кое секогаш ги добивало најлошите порции храна и најизветвената облека.
Елејн отприн сакала да посвои само едно дете, но се сожалила на состојбата на Микела бидејќи и самата страдала од витилиго. Во новата земја малата со себе донела само една скината страница од списание, на која имало „бела госпоѓа со многу кратко розево и сјајно здолниште" - фотографија на балерина.
Следи период на напорна работа на остварување на нејзиниот сон - да стане балерина, и тоа во уметнички свет во кој црните танчарки се реткост, а расизмот честа појава. Денес, на 19 години, Де Принс е членка на Холандскиот национален балет, и освен овој нејзин мемоар кој ќе излезе во јуни 2015, таа има објавено уште една книга за деца. Нејзината цел е да ги мотивира сите кои како неа почнале со трауми и несреќи сепак да не се откажуваат од нивниот сон, но освен силна волја признава дека имала и многу среќа.
Извадок од документарецот „Прва позиција" (2011), за шест балерини кои учествуваат на најголемото балетско натпреварување во Њујорк за млади од 9-19 години