Има само еден услов за некое уметничко дело да биде изложено во новиот „Музеј на забранета уметност“ - некој да има проблем со него.
Каталонскиот колекционер Татчо Бенет го има замислено својот нов музеј, лоциран во Барселона, како место кое ќе обедини на едно место дела кои биле цензурирани, забранувани или критикувани поради политички, општествени или верски причини. Отворањето е оваа недела со првична изложба на 42 дела, сите дел од поголема збирка во која има дела од Аи Вевеи, Банкси и Густав Климт.
Според уметничкиот директор на музејот, Чарлс Гера, цензурата денес не е можна во оној обем во кој тоа била некогаш, бидејќи општествата и поединците се поподготвени да реагираат. Сепак, тој признава дека има и голем број исклучоци, но дека низ оваа колекција откриваме дека нема таква сила со која уметникот не може да се конфронтира, секако по одредена цена.
Бенет почнал да собира цензурирана умтеност во 2018, кога властите повлекле дело на уметникот Сантијаго Сиреа, „Политички затвореници во современа Шпанија“ од уметничкиот саем Арко во Мадрид. Делото содржи 24 пикселирани портрети на политичари и активисти, вклучително и каталонски водачи кои биле затворени поради своите активности.
Денес, збирката на Бенет содржи повеќе од 200 дела, главно од 20-тиот и 21-от век. Некои од нив вклучуваат религиски теми, како „Западната и христијанска цивилизација“ на Леон Ферари, која прикажува распнат Исус на американски борбен авион. Тој бил приморан да го тргне делото кое ја критикува војната во Виетнам, за да може да учествува на изложба во 1960-тите. Слично на ова, финскиот уметник Јани Леинонен во своето дело МекИсус (2015), го прикажува ликот Роналд МекДоналд на местото на Исус на крстот. По големи реакции, тој е отстранет од Музејот на уметноста во Хаифа во 2019.
Некои дела имаат поттикнато контроверзи поради опсцена или експлицитна содржина. Такво е „Кон Флорес а Марија“ (2018) на шпанскиот уметник Чаро Коралес, кое ја прикажува Богородица со раката помеѓу своите нозе. На изложба во 2019 неидинтификуван поединец дури ја пресекол сликата со нож.
Бенет за себе вели дека има „нула табуа“, а се надева дека посетата на музејот ќе ги зголеми нивоата на толеранција на посетителите.