Музеите во Италија водат војна против „вулгарната“ и комерцијална употреба на делата од нивните колекции

Статуата на Давид на Микеланџело е еден од симболите на Италија. Но дел од културниот естаблишмент смета дека верското и политичкото значење на ова, како и на други уметнички дела, се вулгаризира со продажбата на илјадници магнети и други сувенири, чија главна цел е комерцијална. Домашните закони се на нивна страна, но забраните можат да имаат контра-ефект.

Aко сте биле во Фиренца, веројатно сте налетале (а можеби и сте купиле) сувенир на кој е претставен пенисот или задникот на Давид на Микеланџело - најпознатиот жител на овој град. Многумина сметаат дека верското и политичкото значење на мермерната статуа на овој начин се маргинализира, па дури и вулгаризира.

Во оваа група спаѓа Сесилија Холберг, директорка на Галеријата на Академијата во Фиренца, која од заземањето на позицијата во 2015 води отворена војна со оние кои профитираат од ликот и телото на библискиот лик.  Во оваа смисла таа и самата е Давид, кој навидум нема шанси против Голијат-от на капитализмот, со армијата улични продавачи и сувенирници кои нудат секакви производи - од престилки со голата фигура на статуата, отворачи за шишиња, магнети за фрижидери со нејзините гениталии или минијатурни фигури во неонски бои. 

На барање на Холберг е покрената серија судски процеси кои се повикуваат на законот за културно наследство на Италија, кој ги штити уметничките богатства од уништување, но и од неавторизирана комерцијална употреба. Од 2017 Академијата има добиено стотина илјадници евра на име отштета. Ова инспирира и раководители на други италијански музеи, кои се обидуваат на истиот начин да го заштитат „Човекот на Витрувиј“ на Леонардо или „Раѓањето на Венера“ на Ботичели. 

Овие одлуки сепак се во контрадикција со широко применуваната практика, според која правото на интелектуална сосптвеност се заштитени во тек на специфичен период пред да влезат во јавен домен - животниот век на авторот плус 70 години. Но погенерално, одлуките го покренуваат прашањето за тоа дали институциите треба да бидат арбитрите на вкусот, и дали ова ја потиснува слободата на изразување. 

На пример, значи ли ова дека и Енди Ворхол не смеел да ја слика „Последната вечера“ на Леонардо? Колкумина уметници како него, низ целиот свет, создале деривативни дела кои се повикуваат на класиците?

Италијанскиот закон е невообичаено строг, бидејќи практично подразбира временски неограничена забрана за користење дела кои се во сопственост на музеи и други државни институции. Слично е и во Грција, каде закон донесен во 2020 подразбира барање дозвола за користење на слики од историски локации или артефакти за комерцијална употреба и забранува таква која ги менува или навредува спомениците. 

За разлика од ова, францускиот Лувр, дом на „Мона Лиза“ и Милоската Венера, вели дека со оглед на тоа што неговата колекција главно датира од пред 1848, таа според францускиот закон е целосно во јавен домен. 

Агресивниот став на Италија може да има негативен ефект по самата земја, да го обесхрабри промовирањето на нејзините уметнички дела и да ја ограничи репродукцијата на ремек-делата кои служат како културни амбасадори. 

извор

28 март 2024 - 19:10