Писатели-чудаци

Мунгоси, дудинки и препарирани кучиња

Кога веќе почнавме со чудните навики на познатите писатели и уметници (како на пример онаа да стануваат пред зори), да продолжиме во тој стил. Писателите и нивните бизарни опсесии.

Д. Х. Лоренс

Човекот многу сакал гол да се качува по дудинки. Не е јасно зошто баш по ова дрво, а не по, на пример, цреша. На патувања во земји каде не вирееле дудинки наоѓал според него соодветни замени.

Антон Чехов

Набоков бркал пеперуки. Фланери О'Конор одгледувал пауни, Тед Хјуџ чувал пчели. Колку досадно. Вистинскиот фраер чува - мунгоси. Чехов го викал својот Сволоч, и го опишувал како „мешавина на стаорец и крокодил, тигар или мајмун". Го чувал околу година и пол, но со оглед на тоа што требало да патува го донирал во Московската зоолошка, иако претходно ја имал критикувано како „гробишта на животни". Мунгосот живеел во заточеништво уште две години. Просечниот животен век на мунгосите инаку е околу 20 години.

Фридрих фон Шилер

Германскиот поет чувал - овошни мушички. Или поточно чувал скапани јаболка под масата на која пишувал за да му будат спомени на градините од неговото детство. Кога му требал вистинскиот збор, ги земал и ги душкал.

Имануел Кант

На славниот филозоф му бил потребен слуга за да стане секој ден од посетла, затоа што не можел да заспие освен ако не е целосно и цврсто обвиткан со ќебиња, како мумија. Оваа операција започнувала секое утро во 5 наутро. Тука се продаваат ќебиња со цитати од Кант.

Чарлс Дикенс

Дикенс имал два гаврана, два бернандинца, две кучиња од расата Њуфаундленд, кокер шпаниел, мастиф, мал шпиц, мачка, канаринец и пони. нивните имиња биле: Грип 1, Грип 2, Султан, Линда, Дон, бамбл, Тимер, Турк, г-ѓа Баунсер, Вилијамина, Дик и Њуман Ногс. Грип 1 бил препариран откако умрел од труење со оловна боја. Сега е изложен во Слободната библиотека на Филаделфија.

Кетрин Ен Портер

Добитничката на Пулицер за новинарство и авторка на бестселерот „Брод на лудаци" од 1962 чувала насликан боров мртовечки сандак во текот на нејзините последни години, и се забавувала кога нејзините посетители се ваделе од памет. Иако два пати била блиску до смртта кога имала 20-тина години, таа доживеала 90.

Џереми Бентам

Филозофот Бентам тестаментално посакал неговите остатоци да бидат ставени во неговото омилено црно одело, и да биде изложен како си седи на вообичаената столица, што и било сторено, па така сега тој (односно неговото мумифицирано тело) се наоѓа на Универзитетскиот колеџ во Лондон, сосе бастунчето. Единствено кое не е оригинално е неговата глава, која по пропаѓањето на сите обиди да се сочува, сега е заменета со восочна.

29 април 2013 - 18:31