„Мравки можат да изведуваат животоспасувачки ампутации“ беше насловот на научните блогови деновиве, кој помина речиси незабележано покрај останатите вести од политиката и шоу бизнисот. Всушност станува збор за важен наод, прв регистриран пример на ваква „хируршка“ интервенција изведена од страна на животно што не е човек.
Доктор Ерик Франк од Универзитетот во Лозана е раководител на тимот чии наоди се објавени во нов број на списанието Current Biology. Тие намерно отстранувале задни десни екстремитети на мравки а потоа ги набљудувале реакциите на нивните сожители во мравјалникот во тек на една недела.
Резултатите покажале дека 13 од 17 мравки со повреди на фемурот или бедрото поминале низ ампутација изведена од нивните „колеги“, со тоа што екстремитетот бил исечен на местото кадешто се спојува со колкот. Процедурата започнувала со тоа што мравките-спасувачи ја лижеле раната, а потоа со устата, односно со повторливо гризење ја отстранувале ногата.
Доколку повредата била нанесена на понискиот дел од ногата, тогаш мравките изведувале само дезинфекција со лижење на раните. Генерално, мравките можат да се здобијат со повреди од каков и да е вид во најголем број случаи преку територијални конфликти со соседни колонии.
Од другите интересни откритија поврзани со без'рбетници изминатава недела е и тоа дека црвовидни организми - ротифери - едни од најситните многуклеточни животни кои многу одамна имаат „украдено“ ДНК од бактерии вклучувајќи ја во својот геном, ја користат оваа ДНК за да произведат сопствени антибиотици.