Името на Марк Санфорд нам и не ни значи многу. Но како гувернер на Јужна Каролина, тој во 2009 беше во центарот на медиумското внимание во САД заради негова вонбрачна врска со Аргентинка, која беше вистинската причина за неговото шестдневно исчезнување. Официјално правдано со „планинарење на Апалачите" од страна на неговиот портпарол, овој израз влезе во англискиот јазик како еуфемизам за љубовна афера.
Бартон Свем бил автор на говорот со којшто гувернерот на прес конференција тогаш ја призна врската и ѝ се извини на јавноста за „планинарењето". Работењето за политичар, особено за таков кој не само што знае да се обрука туку е и генерално неписмен, каков што бил Санфорд, му ја уништило сликата за она што стои зад сите говори, на сите политичари, од сите времиња.
„Долго време мислев дека е романтично да пишуваш говори", вели Свем, кој на оваа позиција дошол откако некое време работел во академскиот свет. „Мислев дека тоа е личност чија работа е да става зборови во устата на моќните, коj ги разбира нијансите на политичкиот јазик и го води неговиот господар низ можните опасности. Дека еден пишувач на говори истовремено ги ужива благодетите на писателството, но има и политичка моќ".
Ништо од ова не излегло така. Кога Свем се обидел да го долови „гласот" на неговиот „господар", за неговите говори сепак да бидат скроени по мерка на човекот, сфатил дека таков глас не постои. Гувернерот инсистирал само на одредена форма, можеби повеќе од суеверие отколку од реална посветеност кон неа. На пример секој говор морал да има три поенти, никогаш две или четири. Сакал во говорите да има „пошироки идеи", иако никогаш не се изјаснил ниту пошироки од што, ниту какви идеи. Секогаш сакал да ја спомне Роза Паркс, дури и кога за тоа немало никаков контекст.
Немало друго чаре, па Свем почнал со список на изрази кои би му фатиле око на гувернерот, мрзливи и крајно некреативни но безбедни, и на шефот му се допаднале. Ова бил првиот чекор кон опаѓањето на неговиот ентузијазам, но тој и во книгата признава дека „еден од меланхоличните факти на политичкиот живот е дека твоите убедувања почнуваат да се усогласуваат со тоа колку си платен". А тој очигледно не земал кој знае колку.
Така, почнал да се убедува себеси дека користењето нејасен, лизгав или едноставно безначаен јазик не е исто што и лажење. Неговата цел не е да мами туку да си овозможи опции, да си купи време, да се дистанцира од другите, или ако ништо друго тогаш барем да звучи како да кажува нешто. И дека политичарите прибегнуваат кон вакви алатки не од злоба туку затоа што секојдневно мораат да коментираат за работи за кои никако не можат да го имаат нужното познавање (на Орвел не му се допаѓа ова..)
Но според Вашингтон пост оваа книга ќе стане класика во областа на политичката комуникација не толку заради описот на официјалниот дел од работите, туку заради она како политичарите им се обраќаат на нивните соработници кога не се вклучени камерите. Да се биде понижен било секојдневие на Свем, кому често му доаѓало (буквално) да повраќа од лошотијата и индиферентноста на гувернерот. Особено затоа што тој не ги правел работите намерно за некого да повреди, туку затоа што едноставно не ја регистрирал присутноста на другите, кои за него биле само алатки за неговото останување на власт.
Кој знае што би имале да кажат пишувачите на говори на нашите политичари...