Пред триесет години, ботаничар од Германија имал едноставна желба: да ја истражува внатрешноста на дрвенестите растенија без да ги дисецира. Со избелување на пигментите на растителните клетки, Зигфрид Финк успеал да создаде транспарентно дрво и да ги објави своите резултати во престижно списание од областа на технологијата на обработка на овој материјал. Оваа статија од 1992 до сега беше последен збор за „проѕирното“ дрво. Но сега истражувач по име Ларс Берглунд оди чекор понатаму.
Инспириран од наодите на Финк, овој истражувач на материјали работи во Кралскиот институт за технологија во Шведска и специјализира во oбласта на полимерни композити. Притоа, неговиот централен интерес е создавање поробусна алтернатива на транспарентна пластика.
Резултатот од неговите напори е што транспарентното дрво наскоро би можело да најде примена во супер-силните екрани за сматфони; во меки, сјајни носачи на светилки па дури и во структурни елементи, како прозорци што менуваат боја.
Дрвото е составено од безброј вертикални канали, како сноп сламки кои се држат заедно како да се залепени со лепак. Овие клетки во форма на цевчиња ја транспортираат водата и храната низ дрвото, а кога тоа ќе биде исечено и влагата ќе испари, во него остануваат „џебови“ воздух. За да го создадат проѕирното дрво, научниците прво треба да го модифицираат или целосно да го отстранат лепакот, наречен лигнин, по што останува шуплив млечно-бел скелет. Во тој момент, материјалот е сеуште непроѕирен, до моментот кога воздушните џебови не се наполнат со супстанца слична на епоксидна смола, која така ја одбива светлината што дрвото изгледа транспарентно.
Материјалот со кој работат научниците е многу тенок, дебел помалку од еден милиметар до еден сантиметар. Клетките создаваат структура на саќе, па така малите дрвени влакна се појаки и од најдобрите карбонски. Со додавањето на смолата, транспарентното дрво според своите својства ги надминува пластиката и стаклото. Во тестови кои мерат колку лесно материјалите се кршат или распаѓаат под притисок, тоа се покажало три пати посилно од транспарентната пластика како плексигласот и околу десет пати посилно од стаклото.