Од 16-18 век Европејците имале извршено илјадници поморски патувања низ целиот свет. Овие експедиции во името на трговијата и колонизацијата имале неповратен, често смртоносен ефект врз луѓето до кои пристигнале европските бродови.
Но без оглед на ова, Европејците се фокусирале на нови техники кои би ги направиле нивните патувања побрзи и побезбедни. Тие веќе не можеле да бродат крај бреговите и да се раководат од маркантни знаци видливи од бродот (како што тоа било пракса во претходните векови). Ниту пак имале софистицирано познавање на брановите, плимите и осеките, како нивните „колеги“ од Пацификот. Едноставно немале избор, морале да смислат нови методи на навигација на отворено море. Наместо да го меморизираат крајбрежјето, тие почнале да гледаат накај небото, пресметувајќи го времето и позицијата на сонцето и ѕвездите.
Небесната навигација била горе-долу развиена, но не и широко позната во морепловските кругови. Морнарите требало да го пресметаат аголот на поставеноста на одредена ѕвезда користејќи тн. „квадрант“. Тие морале да ја одредат насоката на курсот на нивниот брод во однос на северниот магнетен пол. Најдобриот начин да се изведат овие суштински мерки биле тригонометријата и логаритмите. Ова значи дека еден морнар морал да знае да користи сложени нумерички таблици. Одеднаш главната вештина на еден навигатор не била неговата меморија туку неговиот математички талент и знаење.
За да им се помогне на морнарите со овие технички пресметки, претприемачите, чиј бизнис зависел од морепловството, и поморските власти, отвориле училишта во главните градови и пристаништа низ Европа. Некои биле неформални курсеви, каде мали групи мажи се собирале кај наставникот дома, главно во текот на зимата кога и онака биле на копно. Но имало и поформални школи, организирани од кралските круни, како на пример од шпанската, која го формирала првото вакво училиште во 1552 во Трговскиот дом (Casa de la Constratacion) во Севиља.
Морнари во училница (од кои некои се одметнувале во пирати) - тоа сигурно била интересна глетка, бидејќи повеќето и физички не изгледале како ученици, но и поради фактот што главно биле неписмени. Сепак, наставниците следеле шема воспоставена од традиционалните универзитети: предавања, фаќање белешки и официјални испитувања. Сакале-нејќеле, морнарите морале да се прилагодат.
Ова станало особено актуелно кога во 17 век поморските и трговските компании почнале од своите морепловци да бараат да поминат испит доколку сакаат да бидат промовирани во повисок ранг. Мајстор-навигатор (pilote на француски, piloto на шпански или styyrlyu на холандски) заработувал три пати повеќе од обичен морнар, па оттаму и мотивацијата на морнарите да дремат во училница.
Еден од првите учебници бил на учител од Ротердам, Јан ван ден Брук, под наслов „Инструкции за навигација“ (1609). Содржел илустрации, табели, дијаграми и практични совети за тоа како најлесно да се совладаат географските и астрономските поими, како пол или екватор. „Инструкции“ содржела список од 12 клучни концепти кои ван ден Брук им советувал на учениците „да ги обесат над нивните кревети и да ги читаат секоја ноќ пред спиење“. Исто така смислил песничка, мнемоничко средство за совладување на сите соѕвездија.
Во училиштата пак морнарите запишувале сè на рака, но правеле и свои цртежи и ги решавале математичките задачи. Денес овие ракописни материјали се од непроценлива важност за историчарите, за да знаат кои теми биле обработувани, каде учениците правеле најмногу грешки и што работеле на секој час. Од друга страна, белешките оставени од професорите содржат типични поплаки во врска со учениците - некои биле бистри и трудољубиви, други ги краделе школските материјали или ги продавале своите учебници. Исто така голем проблем биле изостаноците, до моментот кога морнарицата се заканила дека ќе им ги скрати надоместоците на оние кои нема да одат редовно на школо. Во едно холандско училиште за офицери, најдобриот ученик во класот добил награда - меч.
Наспроти стереотипот за пијаните и неуки морнари, овие мажи се покажувале како многу интелигентни и математички надарени, а новоздобиените знаења им помогнале да стигнат до далечни места на планетата.