Американското списание за уметност „Вајс“ излегува во тираж од неверојатни 900,000 примероци, бесплатно се дели во 28 земји, а се финансира од реклами. Неговото најново издание на тема „Фикција 2013" содржи кратки раскази и интервјуа со современи американски авторки, но и бизарна фото галерија под наслов „Последните зборови", во која на прилично експлицитен начин се прикажани последните моменти од животот на славни писателки кои се самоубиле. Освен што секоја фотографија содржи податоци за името на писателката, датумите на раѓање и смрт, и причината за смртта, детално се наведени податоци за облеката која ја носи моделот на фотографијата (пример „Фустан од Иса, наочари Моргентал Фредерикс и Џени Кејн чевли“).
Претставените авторки се Вирџинија Вулф, историчарката Ајрис Ченг, Дороти Паркер (која патем не се самоубила туку неколку пати пробала да го стори тоа), Шарлот Перкинс Гилман, Силвија Плат, романсиерката Санмао и бит поетесата Елис Коуен. Еден од поперверзните моменти е оној поврзан со фотографијата на која е прикажана тајванската авторка Санмао, која се убила бесејќи се со пар хулахопки. На неа модните податоци се однесуваат токму на - чорапите!
За скандалот да биде поголем, некои од овие самоубиства и не се случиле толку одамна - Чанг на пример починала во 2004. „Ова не се фиктивни личности, ова се вистински жени, кои живееле, и се бореле, и умреле, и да се третираат нивните најтешки моменти како основа за глуп моден додаток е срамен и тажен", е само една од бројните реакции кои следеа. Вајс мораше да се извини (иако со половина уста), и да ја симне содржината од интернет, но таа сепак остана нечепната во печатеното издание.
Во култура во која „скандал", „ексклузивно" и „шокантно" се јадиците на кои се фаќаат читателите на редовните вести во медиумите, не е чудно што истиот терк го користат и списанија чија амбиција е да бидат софистицирани и уметнички. Сепак, спојот на реклама за облека и нечиј последен здив ја надминува границата на добриот вкус.