Модна историја: кога забранетата облека е најслатка

Историјата на облеката е полна со обиди на владетелите да воспостават правила за тоа што е, а што не е дозволено да носат „обичните“ луѓе. Таквите обиди често комично пропаѓале.

Во 1368 Цу Јуанѕанг го наследил кинескиот трон како основач на династијата Минг. Роден како селанец, тој сакал да го реставрира она што го сметал за традиционален поредок, по речиси еден век „варварско“ владеење на племиња дојдени од Монголија. Еден од неговите први потези било да воспостави правила за облекување.

Ова значело забрана за монголски стилови и дефинирање стандарди за сите нивоа владини службеници, со што тие би се разликувале и меѓусебно, и од обичните луѓе. Исто така правилата ограничувале што може да носи населението, зајакнувајќи ја нео-конфучијанската хиерархија: научници, селани, уметници и трговци. Кодексот ги регулирал и боите, должината на ракавите, покривките за глава, накитот и везовите. Целта била авторитетот и статусот да станат експлицитно видливи, но ако си можел да си дозволиш одредена облека тоа се уште не значело дека можеш законски и да ја носиш.

И денес облеката е многу повеќе од само заштита од околината. Таа помага да дефинираме кои сме во однос на светот. Таа е исто така секојдневен извор на естетско задоволство. Поголемиот дел од човечката историја мнозинството едноставно не можело да бира како ќе се облекува.  Но имало и исклучоци, особено во развиените трговски градови на Европа и Азија во текот на средниот век. Тие своето богатство во голема мерка ја должеле токму на трговијата со текстил. Ова истовремено ја рефлектирало, но и ја одржувало постоечката хиерархија меѓу класите.

Како реакција на ова владетелите вовеле уште построги кодекси со што би се издиференцирале и меѓу себе. Прецизните правила варирале во рамки на локалната култура и на времето, но секогаш постоеле. Ова не значи дека тие не биле нарушувани, но фактот дека носењето облека која не била по стандардите и правилата сигнализирало отпор и непослушност само ја потврдува тезата.

Како што „обичните“ се збогатувале, така и нарушувањата на правилата се зголемиле. Тие почнале да се облекуваат во ткаенини и во стилови наводно резервирани за благородниците. И пониските благородници сакале да изгледаат како некој што е рангиран повисоко - и според бојата на облеката, и според облековните делови. Но ваквото имитирање не ја смалило моќта на власта.

Но имало и поинакви примери на граѓанска непослушност изразена преку облеката. Во Фиренца на пример, според закон востановен во раните 1320-ти, жените не смееле да поседуваат повеќе од четири облеки соодветни за носење во јавност. Едната требало да биде направена или од скапа свила (скјамито) или од волна обоена со „кермес“ (скарлата) - скапа црвена боја добиена од инсекти. Во 1330 првите биле целосно забранети а жените кои веќе ги поседувале требало да ги регистрираат (како што денес се пријавува оружје). Во 1356 властите ги забраниле и овие исклучоци, дозволувајќи само обична свила. Ако некоја жена носела поскапа облека тогаш можела да биде официјално казнета.

Анегдота вели дека извесен судија по име Америго никако не можел да осуди некоја жена затоа што тие биле „предобри во контрирање на законот“ - ако не смеело да се носи декоративна бордура на шапката, тие ги ваделе и ги прогласувале за венец. Ако биле забранети премногу копчиња, тие ги нарекувале „монистри“. Во еден момент станало јасно дека исклучоците ги надминуваат ограничувањата, до тој степен што законот веќе немало смисла да постои.

извор

29 декември 2020 - 16:01