Пред некое време пишувавме за „Трамвајскиот проблем“, тој веќе класичен мисловен експеримент, во кој сте ставени во ситуација да дозволите „полуден“ трамвај да удри во петорица и да ги убие или, со рачка која ви овозможува да го пренасочите, да ги спасите тие петмина, но да убиете друг, еден човек. Дали ќе се осмелите да ја свртите рачката и така на себе да ја преземете целата одговорност, или ќе оставите судбината да одлучи што ќе се случи?
Различните верзии на овој тест покажуваaт дека, иако се замислуваме како разумни, сепак сме суштества чии одлуки лесно се манипулираат. Стави дете на втората лента, и човек веќе полесно се одлучува да го пушти трамвајот да удри во другите петмина. Речи дека наместо рачка условот е да се фрли дебел човек под трамвајот кој би го сопрел, и луѓето веднаш го напуштаат принципот на „1 е подобро од 5“, велејќи дека не е во ред да се жртвува невиниот минувач.
Иако делува како сосема друг свет, истиот проблем важи и кога сме натерани да учествуваме со глас во спроведувањето на директната демократија. Кога се работи за прашања од национална важност, често сме неинформирани, погрешно информирани, полни предрасуди или заведени од куп фактори, меѓу кои пресуден е стравот. „Мнозинството“, нова претстава во Лондонскиот национален театар, на драматургот и актер Роб Драмонд, е инспириранa од бранот неодамнешни избори вакви (за него) необични резултати, од референдумот за шкотска независност во 2014 до брекзит.
Во текот на шоуто, Драмонд на публиката ѝ поставува серија прашања на кои таа треба да одговори со „да“ или со „не“, а резултатите се веднаш видливи. Неговата цел е да покаже колку форматирањето на прашањето влијае врз можниот одговор.
Прашањата варираат од лични до политички. На пример: „Дали сте либерал?“, „Дали насилството е одговор?“, „Дали користите социјални медиуми?“, „Дали би ја повлекле рачката?“. Публиката гласа како на „Милионер“ на апаратчиња кои им се дадени пред почетокот на шоуто, додека во позадина оди музика и звук на часовник кој го означува преостанатото време. Гласањето е помешано со нарацијата на Драмонд, необична приказна за тоа како се приклучил на антифашистичкото движење и завршил во затвор заради напад на бел расист.
Како што напредува претставата, така етичките прашања стануваат потешки. Дали би спасиле еден невин човек но да убиете пет ненасилни нео-нацисти? Публиката која на почетокот на претставата се декларира како доминантно либерална веќе почнува да покажува контрадикторности во ставовите. Кога се поставува прашањето дали веруваат во апсолутна слобода на говорот, само 38% велат да. А кон крајот на претставата, откако Драмонд се исповеда дека се чувствува глупо што во спомнатиот инцидент „удрил човек само затоа што тој имал поинакво мислење“, публиката е збунета, па кога тој го повторува прашањето за оправданоста на насилството, за што се залагало мнозинството на почетокот на претставата, само во поинаков облик - „Дали е во ред некој да се малтретира заради нешто во коешто верува?“ - 87% велат „не“.
Ако во само саат и пол публиката може да се „вози“ така за на крајот и самата да не знае за што и како точно гласа, тогаш што останува со гласачко тело кое е манипулирано со години?