Многу пред лажните вести имаше лажни слики

Ако е точно дека „една слика е илјада зборови“, тогаш и моќта таа да излаже е пропорционална на оваа математика. Ова е откриено прилично рано во историјата на фотографијата, а масовно се користи и денес.

На изложба под наслов „Фотографија и откритија“ која до скоро беше отворена во Институтот Кларк во Вилијамстон, Масачусетс, беше прикажана фотографија на двајца мажи облечени во традиционални арапски долами, како седат во просторија поставена со ќилими и пушат наргиле.

Фотографијата е убава, но не е од Блискиот Исток. Снимена е во студио во Лондон од фотографот Роберт Фентон. А мажите не се Арапи, туку бели Европејци.

Целата сцена е режирана, и ова секако не е единствен пример на вакви „егзотизирани“ фотографии од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, првите 75 години од развојот на фотографијата. Тоа е време на подем на европската колонијална моќ, кога на неа ѝ било потребно оправдување и визуелна потпора на oсвојувањата на арапска и азијска почва. Истовремено, фотографијата им била алатка на египтолозите и ориенталистите, на кои им бил потребен начин да ги документираат своите археолошки пронајдоци.

Оваа богата историја испреплетена со политика и идеологија е прикажана во „Камера ориенталис: размислувања за фотографијата на Блискиот Исток“ од Али Бехдад (2015), во издание на Чикаго Прес. Фотографијата според него истовремено создавала, и била создавана од конвенциите за тоа како да се врамат егзотичните блискоисточни култури за западниот ум и око.

Еве уште еден пример: пирамидите во Гиза, снимени од познатиот фотограф од 19 век, Франсис Фрит. Во позадина се гледаат пирамидите, а околниот песок делува како луѓето (и коњот) да се седнати на Месечината. Но исто како и пушачите на наргиле, и оваа фотографија не е автентично снимена во Египет. Луѓето се вработени во студиото на Фрит, а целта на сликањето ваква пустелија меѓу другото е да создаде впечаток дека целата земја е една голема пустина која мора да се цивилизира од Европејците. 20 години откако е направена оваа фотографија, Британците го окупираат Египет.

Ваквото својство на фотографијата, да е погодна за манипулација, денес е доведено до екстрем со помош на развиените технолошки алатки. На таа манипулација додуше сега може да одговори и „другата страна“ (која и да е таа), со свои блогови, постови, видеа и фотографии, на тој начин документирајќи ги и ширејќи ги и своите вистини. За разлика од „другите“ од минатото, кои не можеле ни да припарат до европските фото-студија.

Поврзано:
Вирални фотографии што се комплетно лажни
Булшит политички фотографии

7 февруари 2017 - 09:08