Се смета дека првиот писател кој наплаќал по збор е грчкиот поет Симонидес, кој станал легенда заради неговата скржавост. Претходно поетите се потпирале на систем на „спонзорство“ - во замена за храна, сместување и престиж тие им обезбедувале на богатите дела кои ги величале нивните доблести, а им биле и некој вид тутори кои ги учеле своите спонзори да пишуваат.
Но Симонидес го променил ова. Тој пишувал за пари, и си водел сметка за секоја драхма (или како и да се викале тогашните пари). Неговите биографи и современици го опишувале како некој кој за златник „може да прелее море преку цедалка“. Токму тој, велат, е виновен што парите одеднаш застанале меѓу авторите и зборовите. Или што би рекол Маркс, за отуѓувањето од работите кои ги произведуваме, во моментот кога нивната пазарна вредност ќе ја помешаме со онаа вистинската. Иако можеби Симонидес едноставно бил чесен, па додека неговите претходници и колеги се обидувале да ја играат играта без целосно да ѝ се предадат, тој барем залепил цена на секој свој збор.
Наскоро, како што се вели во воведот на новиот зборник текстови на оваа тема „Гребење: писателите, парите и уметноста на преживувањето“, ова станало тренд. Поетот Пиндар во една своја ода носталгично жали по претходни времиња „кога Музите не биле платенички, ниту пак можеле да бидат изнајмени, а песните на Терпсихора не се продавале“. Дури и Александар Македонски бил познат по полнење на џебовите на поетите со кралски кеш, како награда за нивните (според љубоморните колеги-поети кои не уживале ваква милост) неверојатно лоши стихови. Таков дворски древномакедонски поет бил извесен Хоирилус, кој го придружувал Александар на неговите освојувања. Но него го закачила судбината на ваквите „џубокс“ творци - за секој добар стих добивал златник, но за секој лош тепање. На крај бил претепан до смрт, иако не се знае кој бил точно незадоволниот клиент.
Со голем скок до денешнината, клиентелизмот во пишувањето навидум има добри изгледи да замре со оглед на технолошките можности за самообјавување. Или барем така изгледа во земји и во говорни подрачја кои имаат пазар на кој човек може да ги понуди своите сочиненија. Во оние другите, како нашето, авторите се осудени или да молат за државна помош, или - каква бизарна идеја - да пишуваат само од љубов. Сепак, оние првите не е лошо да се потсетат на Симонидес, и на неговиот чесен потег: ставањето јавна и точна цена на секој негов збор, во златници или во услуги.