Мan Booker International Prize до сега се доделуваше секоја втора година на автор/ка за целото негово или нејзино дело напишано на англиски, а објавено каде и да е во светот. Но оваа традиција според претседателот на Букеровата фондација, Џонатан Тејлор, направила таа да ја загуби популарноста, па така речиси и не се знае дека меѓу нејзините досегашни добитници се Лидија Дејвис (2013), Филип Рот (2011) и Алис Манро (2009).
Од 2016 наградата ќе се доделува за само една книга напишана на кој и да е јазик, а преведена на англиски. Таа финансиски е доста привлечна - изнесува повеќе од 60,000 евра, кои се делат 50/50 помеѓу писателот и на неговиот преведувач. Денес (10.03) беа објавени 13-те автори кои влегле во поширокиот избор, кои пишуваат на девет различни јазици. Тука има двајца Нобеловци - Памук (за романот „Необичност во мојот ум") и Кензабуро Ое (за „Смрт од вода"), но и двајца дебитанти, писателот од Конго Фистон Мванза Мухила и финскиот автор Аки Оликаинен. Еден од номинираните политички романи, „Четирите книги" на Јан Лианке, е забранет во Кина.
Сепак, најголемо внимание привлекува писателка под име Елена Феранте, чиј вистински идентитет не е познат. Таа е номинирана за „Приказната за загубеното дете", четврт и последен дел од нејзината серија Неаполски романи. Иако пишува од 1992, и е авторка на 9 романи и една книга есеи, таа има изјавено дека „книгите, откако еднаш ќе бидат напишани, немаат потреба од нивните автори", објаснувајќи ја со тоа нејзината одлука да остане анонимна.
Добитникот на Меѓународната награда Букер ќе биде објавен на 16 мај.