Срамните маски биле тип казнена алатка во Европа во текот на 17 и 18 век. Како што сугерира името, тие требале да ги понижат казнетите за дела како прислушкување туѓи муабети и пренесување на нивната содржина, генерално оговарање, крадење и лажење. Металот од кој биле направени бил обликуван во морничави ликови. Некои од нив и денес се изложени по европските музеи, како оние во Меркисшес во Берлин.
Концептот на срамната маска потекнува од Британија од 16-тиот век, кога оваа направа била нарекувана „узда за оговарачки“ (scold's bridle), наменета пред сè за злобни, дрдорливи и агресивни жени. Тоа всушност бил кафез кој се ставал врз главата на носителот/ката, и се заклучувал за да не може да се извади сè додека не помине казнениот период. За да се превенира жената воопшто да отвори уста, на неа се ставала узда, понекогаш „украсена“ со метални шилци, кои предизвикувале болка секогаш кога таа се обидувала да прозборува.
Подоцна употребата на ваквата справа се проширила во други делови на Европа, на пример во Германија, каде е позната како „Шандмаске“. Таа го преминала и Атлантикот кога Пуританците ги воспоставиле своите колонии во Новиот свет. Некои од маските имале пренагласени црти на лицето - долги носеви (што требало да асоцира дека носителот е склон кон лага, или арогантен), исплазени јазици (заради преобилното дрдорење), или црти што асоцирале на животински (магаре, свиња или зајак). Понекогаш маските имале ѕвонче на врвот, за да сигнализираат приближување на казнетиот, што поттикнувало навреди и понижувања од присутните. Покреативните правеле свиркачки звуци секогаш кога носителот издишувал.
Уште еден инструмент за казнување на оговарачки, и во Европа и во Америка била таканареченото „столче за потопување“. Прекршителот, најчесто жена, била ставана на долга даска, а потоа потопувана во река или каква и да е вода. Ваквата казна била изрекувана и за брачни парови кои многу се карале (тогаш биле врзувани на даската во пар), како и за трговци-измамници.
Дека и нашиве простори биле дел од овие древни европски цивилизациски практики покажуваат етнографските податоци од Балканот за, на пример, срамотење на невестите кои не се покажале како невини на првата брачна ноќ (со враќање наопаку на магаре и со праз во рацете или во устата) или водење на крадец низ селото со врзани раце и со украденото врзано со гуша додека неговите сожители го маваат со камења или лепешки и извикуваат навреди. Сурови какви што биле, ваквите мерки сепак никого долгорочно не спречиле во двата силни социјални инстинкти - да оговара, прислушкува туѓи разговори и да краде.