Пандемијата ја нагласи потребата од тоа да се биде подготвен за екстремна изолација и самоодржливост. Но за некои луѓе тоа не е нова, туку стара нормалност, односно начин на кој тие традиционално живеат.
Во книгата „Зимско пасиште“ на кинеската писателка Ли Џуан, станува збор за една зима која таа ја поминала со казахстански сточари, кои за да опстанат во текот на суровата зима добар дел од денот и ноќта престојуваат во дупка ископана во земја. Ли дошла во контакт со овие луѓе во родната Кина бидејќи нејзината мајка држи продавница од каде овие номади купувале јажиња и други неопходни производи. Еден од нив, средовечен сточар по име Кума, се согласил таа да го придружува него и неговото семејство на тридневно патување низ огромните, замрзнати степи јужно од реката Улунгур во северозападна Кина. Во замена мајка ѝ требало да му го поништи долгот.
Семејството на Ли е од мнозинскиот народ Хан, кој историски имал колонијален однос кон Казаците кои се муслимани, а кинеската влада и денес знае да ги затвора и прогонува муслиманските етнички малцинства, особено Ујгурите. Но во книгата на Ли нема моменти на таков тип тензија меѓу неа и сточарите.
Казаците во Кина одгледуваат овци, коњи, камили и кози, и ги селат согласно годишното време. Нивните зимски пасишта, во сопственост на кланови односно поголеми семејни заедници, се огромни низини кои се состојат само од трева, песок и во добра година, снег. Снегот е потребен за кога ќе се стопи да даде кал, материјал кој им е потребен на сточарите за правење печки и други мали објекти за кои нема друг материјал. Зимата 2020 која Ли ја поминала со нив била многу студена, до -30 степени (кремата за раце ѝ замрзнала во тубата). Нејзина задача било да пешачи низ пустелијата и да бара осојни места каде се задржал снег, потоа да спакува колку што може повеќе и да го однесе во кампот, бидејќи тој бил истовремено и единствен извор на вода за пиење.
Еден од скапоцените материјали што го произведуваат самите сточари е направен од овчји брбушки, кој е квалитетен бидејќи во споредба со другиот сточен измет не е ниту превлажен ниту пресув. Може да се суши и да се моделира во цигли, кои потоа се користат за изолирање на ѕидовите на засолништата. Тие се вкопани 1.8 метри во земјата, во подножје на некое мало ритче како засолниште од ветар, а внатре е доволно широко за да може да собере платформа за спиење (исто така направена од овчји измет), мала кујна и печка. И засолништата за стоката се направени од истиот материјал, кој некако „магично“ не само што изолира туку и зрачи топлина. За да биде повесело, сточарите ги покриваат ѕидовите на овие засолништа со рачно изработени килимчиња чии бои внесуваат малку светлина. Ноќе не смее да се излегува, не само поради студот туку и поради волци.
И покрај оваа навидум страшна атмосфера, за Ли, која има 30-тина години но изгледа како девојче, целата работа била прекрасно искуство. Храната била превкусна - многу месо, пржено тесто и солен, зачинет чај со путер. Најпрвин била целосно неподготвена за извршување на какви и да е задачи, но како што напредува книгата, така читателот сфаќа дека таа завлегува во овој начин на живот, користејќи нешто и од претходно стекнатите вештини на малата семејна фарма.
Семејството на Кума се состои од него, неговата сопруга и 19-годишната ќерка, која го напуштила училиштето за да им помага на родителите. Иако сонува за живот во град, таа сепак има стекнато корисни навики за живот во дивина. Тие често само седат во засолништето во тишина, и тоа се најубавите моменти - кога ветеринар кој доаѓа на посета му помага на Кума да го поправи сателитскиот прием и да го активира телевизорот, Ли ова го смета за катастрофа. Од друга страна, соларниот панел кој се користи за мобилните и за телевизорот се крајно корисни, и ова го прави животот на овие сточари комбинација на модерна технологија и примордијални обичаи, од кои може многу да се научи.