Приказна - која и да сакаш не можеш да ја измислиш - а која може да послужи како школски пример за прелевањето на фикцијата во реалноста. Истовремено, таа е болно индикативна за тоа како всушност се конструира таа реалност: не само што лагата не мора да ни се подметнува нам, НИЕ ентузијастично учествуваме во нејзината конструкција.
А почна вака: во Сплит ова време традиционално се организира фестивалот „Причигин", кој ја негува традицијата на јавното (орално) раскажување. Поканетите автори треба да смислат нешто на однапред зададена тема, и притоа присутната публика не се занимава со вистинитоста на она што го кажуваат, бидејќи - да потсетиме - тие се дојдени за да слушнат добра приказна.
Токму таква, измислена приказна, беше онаа која на Причигин пред неколку дена ја раскажа наша Румена, на тема „Како моите родители дознаа дека сум геј", што беше пренесувано во живо на ХТВ3. Не помина долго, а нејзината едногодишна тајна „врска" со прислушуваната новинарка Марија во нашите медиуми одекна посилно од сите досегашни бомби. За иронијата да биде поголема, прв сторијата за исповедта на „професорката на УКИМ" ја објави (па ја бришеше) портал којшто се вика - Доказ.
Тоа дека медиумите ќе се подадат, ќе наседнат или намерно ќе искористат нешто што звучи двосмислено за кликови не нè изненадува. Она што повеќе загрижува се реакциите на оние кои сосема некритички ја голтнале јадицата, меѓу нив и луѓе кои лично ја познаваат авторката, па дури загрижено вртеле телефони за да прашаат „дали е сè во ред". Притоа ретко кој од нив се мотивирал да кликне на видеото, и од прва рака, не само да слушне за што станува збор, туку и да ужива во една добра приказна. Ако „интернет" вика дека Румена е лезбејка, кои сме ние да се противиме? Така она што НЕ е слушнато станува стварно, додека вистинските скандали, оние стварните и слушнатите, стануваат некако далечни, речиси фиктивни. Зошто? Затоа што во нив, освен дека многумина се шупаци, криминалци, лижачи и пушачи, сè уште не сме го чуле најскандалозното - дека некој е геј.
Прво што ми рапортираше Румена сабајлево беше кои од згодните хрватски писатели биле присутни на фестивалот. „Чекај, нели си лезбејка, а и јас, штом се дружам со тебе?" - ми текна по едно време.
„Абе за кур не нè бива" - заклучивме.
За оние кои сепак ги бива, видеото од 15-та мин. ТУКА
За останатите - толчникот.