„Ме гризна шкорпија“ - 3200 години стари изговори за неодење на работа

На египетската и другите древни цивилизации гледаме како на култури на надлуѓе, кои немаат голема врска со нашите актуелни и секојдневни предизвици. Освен ако не сте од оние кои сметаат дека станувало збор за вонземјани, Еѓипјаните биле во голема мерка како нас. Требало да работат, а понекогаш едноставно не им бил денот.

Древноегипетските работодавачи воделе регистар на слободни денови на вработените, на глинени плочи. Еден таков артефакт е изложен во Британскиот музеј, датиран 1250 години пред нашата ера и претставува неверојатен извор на податоци за тоа како изгледал работниот живот на „обичниот“ човек. Плочите се направени од тенки листови варовник, кои биле користени за пишување приватни писма, правење копии на книжевни дела и пописни листи на стоки. 

Конкретниот „остракон“, како што се викаат плочите, кој се чува во спомнатиот музеј, нуди преглед на период од 280 дена, и типичните изговори за отсуства на работниците. Меѓу нив има некои кои денес звучат многу креативно, како „бил дома и правел пиво“; „го каснала шкорпија“ и „жена му имала добиено“. Да, последново можело да помине како изговор, бидејќи се очекувало мажот да помага додека жената е „индиспонирана“.

Денес повеќето од нас имаат повеќе среќа со работните места од просечниот древно-египетски работник. Ама па и изговорите за неодење на тие (демек) подобри работни места ни се далеку понеживописни.

извор

17 февруари 2022 - 20:25