Дали се сеќавате на филм во кој витез галопира кон замок додека подвижниот мост почнува да се крева, па неговиот бел коњ прави сјаен скок во празно? Јас се сеќавам, но кога земав да ја пребарувам оваа слика на интернет eдинственото што најдов беа неколку автомобили кои минуваат над реки преку подвижни мостови, и детективот Пинк Пантер како паѓа во матна вода, откако го промашил мостот.
Сепак, ние сме токму тој јавач. Она што нè прогонува е страшниот коронавирус. Лебдиме сред воздух, надевајќи се дека ќе преминеме на другата страна, каде животот ќе се врати кон она што го сметаме за нормално. Па што треба да правиме додека сме таму, помеѓу сега и тогаш?
Мислете на сите нешта за кои се надевате дека сè уште ќе бидат тука, во тој замок од иднината, кога ќе стигнеме до него. Потоа правете го она што го можете, сега, за да обезбедите идно постоење на тие нешта.
Тука секако спаѓа грижата за здравствените работници, затоа што претпоставувам дека сите сакаме во Идниот замок да има здравствен систем. Но што друго го правел вашиот живот вреден за живеење додека бевте здрави, освен пријателите и семејството? Сите имаме свои списоци. Еве дел од мојот.
Омилени ресторани и кафеа. Чудно е како сметаме дека овие места на среќа ќе бидат секогаш тука, и дека можеме да излеземе или да упаднеме во нив кога и да сакаме. За да им помогнете во скокот, нарачајте храна за дома или купете ваучери за подарок. Обично има информации онлајн за тоа што се нуди и каде.
Вашата локална книжарница. Некои имаат „шалтерски“ систем на продажба, други доставуваат до дома. Одржувајте ги во живот! На истиот начин можат да бидат поддржани издавачите и авторите, особено оние чии пролетни книжевни промоции се откажани. Искрснуваат секакви креативни решенија: твитер промоции, подкасти, виртуелни настани од секаков вид. Луѓето обично ги користат изразите „читателска заедница“ и „писателска заедница“, кои не се сосема коректни - има голем број групи и ентитети, и не се сите во пријателски односи со другите - но ова сега може да стане вистина. Кога имав 25 години, состојбата со канадското издаваштво беше таква што писателите и издавачите мораа да им помагаат и на други писатели, и на нивните издавачи. И тоа главно и го правевме, иако некои се мразеа меѓусебно (И тоа е дел од „заедницата“. Прашајте некој од мал град. Соочени со вонредна ситуација си ги поддржувате локалните непријатели, бидејќи иако тие можеби се кретени, тие се ваши кретени, така?)
Весниците и списанијата во кои имате доверба. Демократијата е под поголем притисок, бидејќи токму кризите им овозможуваат на авторитарните режими да ги исфрлат низ прозорец граѓанските слободи, демократските и човечките права. Дел од ова е секогаш популарниот чекор кон тоталитарно ускратување на информации и на можност за дебата. Од витално значење е да се држат отворени каналите за комуникација, и тие да бидат независни. Претплатете се на ваквите медиуми. Поддржете сајтови кои се борат против лажни вести, и други, како ПЕН Америка, кои се борат за одговорна слобода на говор. Донирајте на јавно поддржаните радио станици. Обезбедете им реклама со нивно промовирање преку сопствените социјални мрежи. Не дозволувајте вирусот да ни ги исече јазиците.