„Манифестирање“ е збор на 2024 според речникот на Кембриџ

Кога славни личности и „инфлуенсери“ тврдат дека постигнале нешто затоа што го манифестирале, тие користат глагол во тазе значење на користење специфични практики за фокусирање на умот на нешто што го сакаш, за тоа да стане реалност. Манифестирате?

Популаризиран од славни личности како пејачката Дуа Липа, „манифестирање“ се однесува на практиката на користење „методи за визуелизација и афирмација кои помагаат да се замисли дека си постигнал нешто што го сакаш“, со други зборови верувањето дека ако на нешто силно се фокусираш (во мислите), тоа и ќе се случи. 

Липа има изјавено дека манифестирањето одиграло главна улога во нејзиниот успех, помагајќи ѝ во клучни моменти во нејзината кариера, како на пример настапот на Глестонбери оваа година. 

„Ако си ставите некоја цел и мислите на неа секој ден од животот, тогаш тоа и ќе ви се оствари. Јас мислев на Глестонбери откако почнав да правам музика, и веројатно во тек на секоја студиска сесија, бидејќи кога пишувам песна си велам - дали ова ќе звучи добро на Глестонбери“, има изјавено таа. „Мислам дека таквото поставување на цел е моќно“. 

Американската гимнастичарка Симон Бајлс исто така има споменато дека користи „манифестирање“ откако нејзината мајка ја охрабрила да си ги запишува целите. „Мора да го запишеш тоа, да го изговориш за тоа да почне да постои, мораш да го гледаш секојдневно и потоа најчесто се случува“, изјави таа во октомври.

Нешто да се манифестира во англискиот до сега значеше тоа да се појави, да биде забележително или очигледно. Но според речникот Кембриџ на англискиот јазик уште од почетокот на 20 век почнал да значи и „да направиш нешто да се случи со тоа што ќе го повнатрешниш, намерно или ненамерно“. Терминот кој долго време беше ограничен на техники за самопомош и користен на социјалните мрежи полека навлезе во мејнстрим медиумите. Во 2023 Кембриџ го воведе во речникот, а тој од тогаш е прегледан речиси 130.000 пати, со што ја заслужи титулата „нај“ збор на годината. 

21 ноември 2024 - 16:34