Вообичаено се смета дека глобалната трговија со оружје е феномен на доцниот дваесети век и на сегашноста. Но во 19 век имало слични нешта: свет полн вооружување, кое се продавало и легално и на црниот пазар, и кое поттикнувало насилство и конфликт.
Историчарот Рамазан Хаки Озтан истражува како во тој период европската трка за вооружување создала огромен воен вишок. Овие „алатки на револуцијата“ биле внесувани, често пати по нелегален пат, во Отоманската империја, чија тогашна слабост била користена за различни побуни.
Тоа било време на системско политичко насилство, одбележано со бескраен циклус на народни востанија, рурални конфликти и урбано герила војување. Имало голем број други држави, трговци и производители кои сакале да профитираат од таквата ситуација, кои Озтан ги нарекувал „учесници во глобалниот пазар на револуцијата“. На овој начин Отоманското царство влегувало во светскиот економски систем, бидејќи оружјето е исто така производ за широка потрошувачка.
Договорот од Берлин од 1878, со кого завршила руско-турската војна, бил обид да се стабилизира мулти-етничкиот регион јужно од Дунав (читај: Балканот). Но истовремено, тој поттикнал зголемен број регионални муштерии за оружје од втора рака. Еден од најпознатите вакви трговци бил Гркот Васил Захаров (1849-1936), наречен и „трговец со смрт“, кој бил посебно талентиран во купи-продај стратегиите со луѓе, држави и војски од секаков род и сој. На пример во средината на 1880-тите тој им продал рана верзија на парна подморница на Грците. Потоа, убедувајќи ги Турците дека тоа е „тренди“ инвестиција, и ним им продал две. Ниту една од нив не вршела работа, особено не во воени услови, но без оглед на тоа Захаров, кој станал еден од најбогатите луѓе во светот, на крај бил прогласен за витез од Британците.
Отомански разузнавачки извештај од 1905 содржи и нешто од нашиве краишта. Македонските револуционери според него во свој посед имале 3000 „малихерки“ (оригиналното име на австрискиот бренд е Манлихер); 28000 Мартин-Хенри; 2000 „берданки“ (од брендот Бердан) и 12000 од брендот Крнка. Истото оружје веројатно било употребувано за Балканските и Првата светска војна, која заврши со 40 милиони жртви и после која паднаа цели царства.