Македонските интелектуалци наспроти „простите“

Денес, кога славиме 26 бурни години независна Македонија, човек ќе си рече дека тоа е кратко време за градење на некакви цврсти колективни ставови кон што и да е. Но дека таков консензус по некои прашања сепак постои, и дека тие се и со многу подлабоки корени, покажува оваа народна приказна, чија експериментално изведена поука е: не биди глуп да бидеш интелектуалец. 

OБЛОГ МЕЃУ ПРОСТ И УЧЕН ЧОВЕК

Еднаш се скарале двајца: еден прост и еден учен човек. Простиот велел:

- Простите поарно можат да си поминат, поубаво си живеат, та иако просто.

Учениот велел:

- Не, учените поарно си поминуваат и поарно си живеат, зашто тие се учени и за многу работи знаат.

- Е, арно, кога е така - рекол простиот - ела ти да се обложиме ние и ќе направиме една вечера од прости и учени луѓе, за да видиме кој поарно ќе си помине.

И така направиле вечера од едно зајре, на едно место и за простите и за учените: сè што направиле за учените , тоа и за простите. Сè било арно, само лажиците им ги дале многу долги. Тоа било намерно направено за да искусат што ќе прават гостите. Кога дошле учените, и простите, учените рекле:

- Овие лажици се многу долги; со овие лажици не се срка!

Арно, им дале други. Ами простите пак што направиле? Кога виделе дека лажиците се долги и сам човек со нив не може да срка, тогаш фатиле еден со друг да се ранат: јас тебе, ти мене, и така вечерале убаво. Потоа дошле обложените да прашаат кој подобро поминал. Прво отишле кај учените:

- Не здравје ви!
- Здравје да имате!
- Е, како поминавте со вечерата?
- Сè арно беше - рекле - само лажиците ни беа долги.

Потоа ги прашале простите, тие фатиле да благословуваат.

- Сè арно беше, Господ да придаде, да сте живи!

Потоа, кога се собрале повторно, учениот и простиот, простиот му рекол:

- Е, господине, виде сега: учените една вечер не можеа да си поминат со долги лажици! Ами зошто? Затоа што тие не знаат што е глад, тие не знаат што е студ, тие не знаат што е горештина, тие не знаат што е планина, тие не знаат ништо! Навистина, учеле за тие работи, ама само низ глава им поминало. И човек да ги остави само една вечер на лошо, би изумреле сите наеднаш. А другите? Тие навистина не се учени, но се напатиле и сè виделе: и студ, и глад, и долги патишта, и мориња, и планини и дождови и сè, сè што е мачно можеле да видат. За тоа и сношти неволјата ги научи како да поминат. Та и ти така - си учен, ама да не се фалиш дека учените поарно можат да поминат од простите - му рекол.

И така учениот си го ставил прстот в уста и станал, одејќи си посрамотен.

(од збирката „Народни приказни на балканските народи“,

лектира за петто одделение, македонска)

 

8 септември 2017 - 09:40