Затоа е важно оној кој ги пишува да е авторитет во областа, да ги употреби вистинските епитети, притоа да не лаже, барем не апла, и да помогне во генералниот пласман на авторот и книгата. Ваквата умешност, како и секој занает, во таканаречениот „развиен" (читај суров капиталистички) свет, се плаќа.
На книгите на македонските автори обично осамнуваат извадоци од рецензиите кои нивните пријатели и познати ги напишале за да може да се конкурира за средства во Министерството за култура, каде тие се обврзен дел од документацијата. Можеби има и поинакви случаи, кога некој е професионално ангажиран да напише „збор-два" за делото. Па еве како се пресметува цената на ваквата услуга, според по малку иронична, но сепак приближна проценка на еден пишувач на вакви осврти, редовен соработник на Њујоркер. Таа кажува многу за начинот на кој функционира пазарот на книги, и кои се вредностите кои тој ги промовира.
Почитуван писателе,
Значи тебе би ти било мило доколку напишам збор-два за твојата книга? Им мене! Едвај чекам да почнам. Сепак, со оглед на огромниот број барања кои ги добивам, воспоставив нов, систематичен систем на проценка на цената на оваа услуга. Пред да продолжиме, те молам погледни го овој список.
Имаш под 25 години (+100$)
Ова е твоја прва книга (+100)
Ова е твоја прва книга во последнава деценија (+150)
Сè уште користиш твоја фотографија од времето на „дебито што ветува" (+75)
Те познавам (-50)
Еднаш сме се сретнале (-20)
Си се фатил со моја пријателка на некоја забава (-25)
Сме се напиле заедно еднаш на некој книжевен фестивал, но сум сфатил дека ти цело време си мислел како да ме прашаш за освртот (+75)
Живееш во некоја од следниве населби: Бруклин Хајтс, Парк Слоуп, Керол Гарденс, Вилијамсбург (+150)
Велиш дека си пријател на мој пријател, но тој мој пријател те мрази (+100)
Некогаш заедно сме биле објавени во антологија (+75)
Оваа молба ми ја упатуваш лично, во тек на мое потпишување книга (+150)
Ти си единствениот човек на ова потпишување (-100)
Оваа молба ми ја упатуваш во живо во текот на единственото интервју за National Public Radio во мојата кариера (+125)
Твојот роман има повеќе од 500 страници (+500)
Насловот ти содржи зборови како „Америка", „сон" или „љубов" или верзија на конструкцијата „Бла и други бла-бла" (+150)
Еден од двата збора во насловот ти е герундив (глаголска именка, збор што завршува во македонскиот со -ње, на англиски со -ing)
Зборот после глаголската именка е именка, на пример Losing Ground, роман за човек кој се вика Питер Граунд (+250)
Твојот роман е раскажување на друг роман од перспектива на спореден карактер, на рпимер дел од мебелот, или магично сушстество кое не се појавило во оригиналот (+275)
Твојата биографија содржи список чудни професии со кои се се бавел дур си патувал помеѓу градови, земји или континенти (+300)
Напред во книгата имаш семејно стебло или/и мапа (+200)
Твојата книга е посветена на мртов писател кого никогаш го немаш сретнато (+350)
Твојата книга е „збирка поврзани раскази" или „роман во приказни" (+145)
Твојот последен роман седел во мојата канцеларија пет години, непрочитан (-75)
Ти си најпознат по пишување лажни детски книги (-40)
Ти си поранешен уметник на кажаниот збор (+325)
Поранешен студент си ми (-5)
Имаш атачирано пдф фајл со целиот ракопис на овој мејл (+300)
Го имаш атачирано целиот ракопис како ворд документ и ми препорачуваш да ги следам промените (+500)
Имаш стипендија (+100)
Од некоја непозната програма (-100)
Твојот роман е автобиографски (+100)
Името на издавачката компанија е анаграм од твоето презиме (+175)
Твојот роман е „прв том од планирана тетралогија" (+400)
Твојот аванс бил поголем од мојот (+200)
Твојот агент ме има откачено како клиент (+250)
Избран си како еден од „20-те најдобри писатели под ..." или еден од „Најзгодните дебитанти во Америка" или некој друг безвезален список на кој сум требал да бидам јас, ама не сум, затоа што мојот агент е кретен кој не може ни да направи да го уапсат во градов (+450)
Признаваш дека процесот на молење за осврт е непријатен, и дека освртите немаат големо влијание врз продажбата или критиките на твојата книга" (-300)
Сум те замолил за осврт еднаш и ти си ме откачил (+1,000)
Сега пресметај го сево ова.
Пресмета? Е сега додај 25,000$
Благодарам за твоето барање. Одговорот е - не.