Во филмот „Без граници" (Limitless) од 2011, со Бредли Купер и Роберт де Ниро, една експериментална дрога, NZT-48, им овозможува на оние кои ја користат да активираат 100% од нивните мозоци, обојувајќи им ги очите во неонско сино. Неуспешен писател така станува главен на берзата и влегува во трка за претседател на САД. Во „Луси" на Лик Бесон се истражува истата идеја, но со малку повеќе метафизика, а многу повеќе пукање и визуелни ефекти.
Името на главниот женски лик е референца на женски скелет на Австралопитекус, пронајден во 1975 во Етиопија, чија старост се проценува на 3,2 милиони години, а кој во времето на неговото откривање бил најраниот познат човечки предок. Нашава Луси е Американка киднапирана во Тајван за да послужи како курир на експериментална синтетичка дрога, која случајно ѝ се апсорбира во организмот, постепено зголемувајќи ѝ ги менталните способности, до спомнатите, фамозни 100% (и да, повторно обојувајќи ѝ ги очите во неонско сино). Сведок на сето тоа е научник чија теорија го тврди токму тоа - дека доколку како луѓе би се приближиле барем до 20% искористеност на мозокот колку што наводно имаат делфините, тогаш тоа за нас би значело не само пораст на интелектуалната моќ, туку и способности кои по сегашните мерки се наточовечки.
Под дејство на дрогата Луси (Скарлет Јохансон) изведува моќна карактерна трансформација од „аман-заман" паничарче, во ес-еф Амазонка, гордост на австралопитекусите и нивните женски наследници. Пред нејзини нозе паѓаат (поточно бесвесно лебдат во воздух) и криминалци и полицајци, и научници и мафијаши, и машко и женско. Но нејзината цел не е само да го спречи натамошното неконтролирално дилање со дрогава, туку и да му остави нешто на човештвото, чии неверојатни висини сега ги достигнува. Советот на научникот: она што исклучителниот човек може и треба да го направи за другите, а кое не се сведува само на гол опстанок и репродукција е - да пренесе знаење. Оваа обврска Луси ја исполнува на крајот од филмот, кога достигнувајќи ги 100-те проценти физички исчезнува, а по себе остава само едно УСБ со сето нејзино знаење на него („Само тага ми остави, и едно ЦД со латино“).
Сцените како излезени од „Којанискватци“ визуелно обземаат, истовремено кокетирајќи со интелектуалецот во секој од нас. Ликовите во него сепак се повеќе „типови" отколку детално разработени карактери. Како во виц: згодна русокоса, научник со длабок глас (кој мораше да биде Морган Фриман), малку глуп но симпатичен полицаец, мафијаш-Азијат, доктор под Хипократова заклетва. А централната идеја околу која тие се сплотени, за нашата мозочна неискористеност е всушност мит. Да, има ситуации во кои користиме само 10% од мозокот. Но вообичаено го користиме речиси секој дел од него, и тој е активен цело време (дури и кај сограѓани кои не изгледаат баш така).
Легендата за 100-те проценти му се припишува на психологот Вилијам Џејмс, кој во делото „Енергии на човекот" вели: „Ние користиме само мал дел од нашите можни ментални и физички ресурси". Но ова е толку генерална изјава што не мора да укажува на некаков процент на користење на мозокот, кој е и тешко да се пресмета - дури и при едноставно станување наутро и правење кафе се случува бура од невронска активност во тек на само неколку секунди. Ако нешто може да се изрази во проценти во моментов е само нашето (не)знаење за тоа како функционираат делови од мозокот, а особено како тие соработуваат во формирањето на она што го нарекуваме „свест". Прашања кои можеби се одговорени на УСБ-то на Луси.
Покрај многу „пињау-пињау" и еден сосема нелогичен бакнеж со кој Луси го части полицаецот (демек и моќните жени сакаат нежност?), има една сцена која е нетипична за филмот, и токму затоа впечатлива. На почетокот на дејството на дрогата, но соочена и со можната смрт заради нејзиното прекумерно дејство, Луси доживува нешто слично на просветлување - вратите на перцепцијата широко ѝ се отвараат, и таа станува свесна за течењето на крвта низ вените, говорот на дрвјата, внатрешните гласови на луѓето. Се сеќава на вкусот на мајчиното млеко, на некое сијамско маче со скршен опаш од најраното детство, на студените облоги кога била болна. Полна со Прустовски дух, сцената е трогателен потсетник, дека повисокиот степен на свесност не мора да подразбира некаков ќар (како во претходно споменатиот филм), ниту пак лично спокојство, туку напротив - вознемиреност од интензивноста на изострените сетила, а обврска и жртва во однос на другите, кои не ја поседуваат истата моќ.
Не можејќи да се одлучи дали неговиот филм ќе биде „обичен" трилер-акција со СФ моменти, или филозофски трактат, Лик Бесон оди по линија на комерцијалното, останувајќи на површината на голем број идеи кои ги нафрла. Но една е сепак јасна, и е хумана - постоењето на човекот е врамено во ограничено време, кое треба да се потроши на начин кој ќе служи на општото добро.
Трејлерoт:
Саундтрак за филмот на Ерик Сера, на моменти многу сличен со оној од „Големото синило":