Портрет составен од Лего коцки и збирка поезија со претставници од секој континент се помеѓу илјадниците дела кои ќе бидат архивирани на Месечината, како траен запис за човечката креативност.
Збирката, наречена Лунар Кодекс, се дигитализира и во моментов се чува на мемориски картички или на ласерски обработена „нано фиша“ - верзија на филмска микрофиша на 21 век - како подготовка за мисиите кои ќе го пренесат материјалот на површината на Месечината.
Семјуел Пералта, „полупензиониран“ физичар (што и да значи тоа), кој е учесник во проектот, ја опишува оваа архива како „порака во шише“ за идните генерации, тие да бидат потсетени дека војните, пандемијата и економските кризи не ги спречиле луѓето да создаваат убавини.
Одбрани од 30.000 уметници, писатели, филмаџии и музичари од 157 држави, сликите, предметите, списанијата, книгите, подкастите, филмовите и музиката се поделени во четири капсули.
Првата се вика Орион, и веќе има летано околу месечината, откако беше лансирана на истоименото летало како дел од мисијата Артемис на НАСА минатата година. Во следните месеци, серија од спуштања на Месечината ќе ги однесе капсулите на различни дестинации во кратерите на нејзиниот јужен пол и во долината наречена Sinus Viscositatis.
Уметничките дела нема да бидат први кои се нашле таму. Лунарниот модул за мисијата Аполо 12 од 1969 со себе носел мала керамичка плочка со цртежи на Енди Ворхол, дела на сликарот Роберт Раушенберг и скулпторите Форест Мајерс и Џон Чемберлејн. Две години подоцна, Аполо 15 со себе го донел „Паднатиот астронаут“, мала алуминиумска скулптура од само 9 цм на белгискиот уметник Пол ван Хојденок. Но новите технологии овозможуваат и многу поголем обем на архивирање кое - кој знае - можеби некому ќе му се најде, таму горе.