Од 14 октомври мостот над Темза кој ги спојува катедралата Св. Павле со музејот Тејт Модерн ќе биде реновиран и исчистен „за да заличи“. Но на него има околу 600 дела на уличниот уметник Бен Вилсон, кои тој самиот а и граѓаните на Лондон бараат да бидат спасени.
Причината е што овие мали и непретенциозни дела се облик на раскажување мали приказни, инспирирани од луѓе кои минуваат преку мостот, локалци, ученици и други уметници.
„Уметноста не постои само во величенствените сали на Тејт Модерн, во галериите и музеите, таа некогаш може да биде скриена и магична“, изјавил Вилсон.
На конкретниот, Милениумски мост, тој работел последниве десет години, но со претворањето на фрлени мастики во разнобојни дела се занимава уште од 2004.
Како што открива во подолго интервју во Гардијан, тој води детална фото-архива од нив, а истовремено се навраќа на старите доколку е потребно да ги реставрира. Во својата работа тој користи фрлач на пламен (за да го омекне материјалот), различни лакови и акрилни бои. За секоја слика му се потребни неколку часови, а тие можат да траат повеќе години бидејќи се на некој начин конзервирани.
Но неговата порака е многу поширока - тој е загрижен поради заканите упатени кон јавниот простор, па оттаму неговите дела се некој вид мозаик на она што им е заедничко на сите граѓани. Мастиката е ултимативниот потрошувачки производ, кој нема прехранбена вредност, а истовремено тешко се распаѓа, па оттаму има симболика и во трансформирањето на нешто што е просто исплукано како ѓубре во нешто убаво и значајно.
Како што тргнало неговите дела изгледа нема да останат на мостот, но тој можеби ќе продолжи одново со својата работа по неговото повторно отворање на 5 ноември.