Едно августовско попладне во 1937, Ернест Хемингвеј зачекорил во канцелариите на списанието Скрибнер, и со книга по лице замавал еден од новинарите. Причина? Една забелешка околу влакната на неговите гради.
Макс Истман, тогаш новинар во спомнатото списание, четири години претходно во The New Republic напишал осврт за „Попладневна смрт" (Death in the Afternoon), книга на Хемингвеј во која тој ја опишува традицијата на борба со бикови во Шпанија. На Истман таа очигледно не му се допаднала, но тоа и не ќе било толку страшно ако не удрел онаму кадешто Хемингвеј бил многу чувствителен - по неговата машкост.
„Неговиот книжевен стил, којшто го следи цела школа на писатели инспирирани од него, може да се опише како носење лажни влакна на градите", напишал тој, насловувајќи го освртот со уште понавредливото „Попладневниот бик". Хемингвеј очигледно не можел да се помири со ова дури ни четири години по неговото објавување, па кога влегол во канцеларијата на Истман решил да му покаже кој е тука бик, а кој вол - му се расоблекол гол до половина, и го прашал дали неговите влакна изгледаат лажно. Потоа го натерал и тој да се соблече, и го исмејувал заради очигледната помала влакнетост.
Во текст објавен во Њујорк Тајмс во 1937 каде се опишува овој инцидент, Хемингвеј изјавува дека на почетокот само се зафркавале. Но во еден момент забележал книга со текстови на Истман во која бил објавен и спорниот осврт, и го натерал да му го чита на глас. Кога овој одбил, го мавнал со книгата по фаца. Почнала тепачка во која Истман, според зборовите на Ернест, се мавал „како жена" (напаѓајќи го со отворени канџи). На крај изгледа дека тој (Истман) го извлекол подебелиот крај, затоа што барал отштета за медицински трошоци. Ова била понудата на Хемингвеј:
„Ако тој е сериозен, и не измислува, тогаш му нудам да ги покријам сите медицински и правни трошоци за отштета, со тоа што ќе донирам 1,000 долари за која и да било добротворна цел или за него лично. Но мојот услов е потоа да влеземе во соба во која тој ќе го чита неговиот текст за мојата книга. Па, поголемиот маж нека ја отклучи вратата."
Вработените пак во Скрибнер одбиле да дадат изјава велејќи дека ова е „лична работа помеѓу двајцата џентлмени". Чија машкост тогаш се мерела според густината на органскиот тепих на љубовта.